Дали е доволно што се изградени хотели, што се прават автопати и се обновуваат цркви за да се привлечат туристи

Македонија, колку и да сме самобендисани, се уште не е туристичка дестинација иако до нас е Грција која е магнет за туристи а ние сме веднаш до неа и попатна дестинација.

Од Македонија до грчките плажи, во просек, има над 500 килиометри, доволно за некој да добие идеја да преспие тука. Но, тоа ретко се случува. Дали е доволно што се изградени хотели, што се прават автопати и се обновуваат цркви. Имаме и исклучително евтини авио летови со кои Скопје и Македонија се поврзани со сите моќни економски центри во Европа. Очигледно, сето тоа не е доволно. Пролемот не е само во тоа да се има нешто од инетерес за туристите, проблем да се има култура на однос кон нив и како тоа да им се продаде. 

Странските туристи кога доаѓаат во Македонија најчесто се сместуваат во хотели со четири ѕвезди и кога ги оценуваат велат дека не се за одличен пет, но се сосема солидни, односно за многу добар или ученичка четворка.

Највисоки се оценките за безбедноста во хотелите и мотелите, за природната средина околу нив, за љубезниот однос на луѓето, додека здравствената услуга, хигиената на плажите и во сместувачките капацитети се со 3,8 оценети.

Скопје изгради најмногу хотели, од атрактивни светски брендови како Хилидеј Ин или Мериот до мали, речиси домашни хостели за транзитни туристи и, можеби тоа е една од причините зошто Скопје е најатрактивно за туристите, повеќе од Охрид и сите езера заедно.

Многу добри оценки речиси петки има и за нашите мотелчиња, бањските лекувалишта, но и архиолошките наоѓалишта. Странските гости се задоволни и од аеродромските услуги, а најголемите критики се упатени на патната инфраструктура.

Овие интересни показатели се дел од статистичката анализа на Државниот завод за статистика , насловени како Одржлив туризам инструмент за развој.

Според анкетата на странските посетители која е истовремено и насловена анкета на граничните премини, се утврдило дека половина од патниците кои патувале во возила со странска регистрација, околу 48% од нив биле само на поминување, односно транзитирале низ нашата држава.

Според Анкетата за странски туристи во сместувачките објекти, просечните трошоци на странските туристи по ноќевање изнесувала 9.040 денари (околу 150 евра), а просечниот број на ноќевања на странските туристи во хотели е два дена.

Лани најголем број од туристите кои дошле од странство во земјава се од Турција, односно 105.738 лица, а тоа пак е 21% од вкупниот број странски туристи во земјава.

Најдолго лани претстојувале Турците кои што оствариле 152.748 ноќевања или 14% од вкупниот број на ноќевања.

Странските туристи кои престојувале во Република Македонија во 2016 година, околу 42% се сместиле во хотели со 4 ѕвезди, а останатите во помалку луксузните сместувачки капацитети.

Домашните гости кога се решаваат да ја прошетаат Македонија, тоа најчесто го прават во сместувачките капацитети покрај нашите езера. Статистичките бројки покажуваат дека лани 205.683 домашни туристи престојувале во езерските туристички места што претставува 59% од вкупниот број на домашни туристи.

Покрај езерскиот туризам привлечен за посета е и Скопје каде во 2016-та престојувале 228.602 туристи. Покрај посетата на културните знаменитости, концерти тие доаѓаат и на шопинг.

Сличната е бројката и на странските туристи во Скопје која лани изнесува 206.796 или 40% од вкупниот број на странски гости, додека во езерските туристички места престојувале 177 300 странски туристи или 35%.