Дали 12.000 денари е минималната плата во Македонија?

Во изминатите шест месеци се реализира едно од предизборните ветувања на новата Влада – покачена е минимална плата од 12 илјади денари. Државата предвиде и финансиска поддршка за компаниите со цел сите да можат да ја исплатат.

Надлежните велат минималната плата ја добиваат сите и законот ги дава очекуваните резултати, а дел од работниците веќе почнаа да се жалат на злоупотреби.

Државата со цел да обезбеди загарантирана исплата на минималната плата од 12.000 денари, обезбеди средства за субвенционирање на компаниите, а преку Управата за јавни приходи воведе нов систем што не овозможува исплата на плати под оваа сума.

И покрај ова, интересот на компаниите за добивање субвенции од државата е релативно мал. Објаснувањата се движат од тоа дека компаниите имаат средства за да ја исплатат платата, дека не исполнуваат услови, до тоа дека се плашат од инспекциски надзор.

Од друга страна, од МТСП посочуваат дека и покрај релативно малиот интерес на компаниите, Законот за минимална плата го дал својот ефект и оти над 88 илјади работници добиле минимална плата од 12 илјади денари за септември.

Дел од работниците се принудени на газдите да им вратат на рака дел од парите, и најчесто не се охрабруваат да говорат за тоа и да ги пријават злоупотребите. Ова особено е присутно во текстилните, кожарските и чевларските компании, каде е и најголем бројот на работници кои добиваат минимална плата.

Барањето на газдите, работниците на рака да им вратат дел од минималната плата е кривично дело, посочуваат надлежните и граѓанските организации за заштита на правата на работниците и барааат тие да ги пријават злоупотребите и да сведочат. Во спротивно велат, никој не може да им помогне.

Минималната плата во износ од 12.000 денари почна да се исплатува од септември и таа беше предизборно ветување на оваа Влада. Со законското решение за првпат плата во овој износ земаат и вработените во кожарската, чевларската и текстилната индустрија кои досега земаа плата од 9.050 денари.