Далеку се од минимална - работниците се плашат да ги пријават газдите ако им бараат да вратат дел од платата

Една година откако законски е регулирано исплаќањето на минимална плата во износ од 12.000 денари, а многу е јасно дека се прават злоупотреби. Дел од работниците се принудени на газдите да им вратат на рака дел од парите, и најчесто не се охрабруваат да говорат за тоа и да ги пријават злоупотребите.

Ова посебно е присутно во текстилните, кожарските и чевларските компании, каде е и најголем бројот на работници кои добиваат минимална плата. 

Барањето на газдите, работниците на рака да им вратат дел од минималната плата е кривично дело за кое е предвидена затворска казна од три месеци до една година. Работниците треба да се свесни оти станува збор за кривично дело и дека треба да се охрабрат да пријават со цел да се спречат манипулациите со исплатата на минималната плата.

-Оваа година сменив три чевларски фирми. И во секоја фирма беше истата политика. Секаде си платен од час. Па така и според тоа земаш плата, но истата никогаш не излегува 12.000 денари. Ни пуштаат на сметка 12.000 денари, а потоа сме принудени дел од нив да вратиме, вели Жаклина. 

-Јас минатиот месец  бев болна. Не одев речиси 10 дена на работа, боледувањето не ми е платено, и на крај земав плата од 6.500 денари. За К-15 и да не зборуваме. Никогаш немаме пуштено на сметка, а не пак да враќаме назад. За нашите газди дефинитивно не важи никој закон, раскажува Десанка.

-Не охрабруваат да ги пријавиме, но што потоа? Ќе добиеме отказ. А кај сите газди е исто. Јас колку што сум запознаена во текстилната индуструја секаде е така. Се разочаруваш, ама па на крај подобро нешто, отколку ништо, се до моментот, ако се најде некој да не заштити нас како работници, вели Милена.