Да се потсетиме на Тоше - “Ве сакам сите” останува негов заштитен знак

На денешниов ден Тоше Проески требаше да наполни 37 години.

Годините поминуваат, но болката и тагата не стивнуваат. Тоше беше момчето кое го обедини Балканот со својата музика, но и со болката која пристигна со веста тоа кобно октомвриско утро.

Не сонував дека ќе бидам тоа што сум, иако ми одговара. Сонував дека ќе бидам нешто сосема друго – доктор или војник. Ништо од тоа не ми се оствари, но, за среќа, љубовта најдов да ја изразам на најубав начин преку музиката”, рече Тоше во едно интервју за ВЕЧЕР, и навистина го правеше тоа. На најубавиот можен начин ја изразуваше својата љубов, своите емоции, преку музиката и песните кои и денес, цела една деценија по неговата трагична смрт, имаат магична моќ. Тоше пленеше со својата појава, енергија, харизма, глас… Тоше беше вонсериски талент!

1. Почетоците
Првиот контакт на Тоше со сцената датира од времето на Златно славејче, каде што настапува на 11-годишна возраст со “Јас и мојот дедо” на влашки јазик. Четири години подоцна следува учеството и првата фестивалска победа на тин-фестивалот Мелфест во Прилеп, каде што пред присутните пее песна од Битлси. Во 1997 година дебитира на Макфест со темата “Пушти ме, а веќе следната година настапува и на Скопскиот фестивал со “Остани до крај”. Следуваат хитовите “Усни на усни” и “Сонце во твоите руси коси” и веќе јавноста добро знае кој е Тоше. Баладата “Твоите бакнежи на моите бели кошули” му ја носи првата награда од публиката на Скопскиот фестивал. Во 1999 година на музичкиот пазар се појавува неговиот деби албум насловен “Некаде во ноќта”. Набрзо доаѓа и соработката со Авалон и неговиот прв солистички концерт на Скопското лизгалиште. Следува албумот “Синот божји”, а набрзо за него почнува да се зборува и надвор од нашите граници, особено по настапот на Сунчане скале, каде што за влакно му побегна победата и со “Сонце во твоите руси коси” се пласираше на вицешампионската позиција… И лавината тргна! Пресвртот во кариерата и она што му се случи потоа ретко кој од пејачите од поновата генерација може да го повтори.

2. Дуети

Тони Цетински, Ања Рупел, Каролина Гочева, Есма Реџепова-Теодосиевски, Џана Нанини, Биља Крстиќ… се оние кои во своето портфолио имаат запишано дуети со Тоше, но единствениот кој може да се пофали со авторска песна од него, со исклучок на се објавено постхумно, е Мартин Вучиќ, кој ја отпеа “Муза”.
Интересно е што освен што важеше за одличен пејач, тој беше и одличен инструменталист за што сведочат оние кои биле дел од седенките и дружбите во домашна атмосфера во кои Тоше уживаше. Ударни, дувачки инструменти, клавијатури… тој умееше се, а за него музиката беше едноставно љубов. Се потврди и како композитор, во што се уверуваме се уште со издавањето на постхумните дела. Во една прилика имаше изјавено дека има компонирано повеќе од 100 песни за кои го чека вистинскиот момент…

3. Ве сакам сите…

“Ве сакам сите”… останува негов заштитен знак, исто како и неговата хуманост заради која во 2004 година беше прогласен за амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ.

4. Соработки

Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Мирослав Рус, Никша Братош, Антонија Шола, Тони Цетински, Фибос, Огнен Неделковски, Кире Костов, Јован Јованов, Александар Митевски… се само дел од имињата кои можат да се најдат меѓу авторите на неговите албуми издадени пред 16 октомври.

5. Награди и признанија

Тогашниот Мелфест и освоеното прво место се неговата отскочна штица, по што следува лавината од награди и признанија… Еврофест, Макфест, Скопски,… токму на Скопски во 2000 со “Солзи прават златен прстен” за малку не успеа да победи и да биде наш евровизиски претставник (заврши како третопласиран), Славјански базар, Сунчане скале, Оскар на популарноста за 2000 година, победа на Беовизија со “Чија си”, хуманитарната награда Мајка Тереза… Во 2004 со “Ангел си ти” оди Евровизија во Истанбул, каде што е омилен лик во прес-центарот заради своите одлични вокални способности. На Радискиот фестивал одржан на Хвар во 2007 беше апсолутен победник и миленик на публиката, а по официјалниот фестивалски дел имаше и свој концерт на кој вриеше од народ, токму неговиот настап беше најпосетен иако концерти во неколкуте фестивалски денови имаа и тогаш најголемите домашни (хрватски) ѕвезди… Во листата успеси му се запишува и преполната Белградска арена, најголемата сала во соседството, каде што одржа концерт на 14 февруари 2007 година.

6. Лесно е да се стигне до врвот, тешко е да се остане таму

“Тоа што сум на врвот прави и мојата одговорност да е поголема. Ако веќе имам титула дека сум на врвот, тогаш постојано треба да се оправдува тоа. Деновиве додека го гледав Павароти меѓу тројцата светски тенови на концертот во Пула баш размислував на таа тема. Се наоѓам во неговата улога. Тој е најдобар, но постојано местото мора да го оправдува меѓу Доминго и Карерас. Истата улога ја имам и јас. Морам да ја оправдувам титулата, а тоа дефинитивно е најтешко. Лесно е да се стигне до врвот, тешко е да се остане таму!” – ни рече Тоше во едно интервју и уште додаде: “Како и секој млад човек така и кај мене апсолутно е можно да се собере едно количество на негативна енергија. Не сум светец и човек кој е полн единствено со љубов. Па боксерската вреќа ми е единствениот начин да ја извадам негативната енергија.”

7. Со “Божилак” ги натера колегите да се вратат на корените

“Божилак” е албум кој излегува под капата на неговата матична Аворд ентертејмнет, до која дојде благодарение на менаџерката Љиљана Петровиќ. Токму Петровиќ е најголемиот виновник за тоа што неговата кариера надвор од нашите граници зеде голем замав, но и за неговото заминување во Лондон…
“Божилак” е компилација од 14 избрани македонски народни песни снимени со симфониски оркестар. Тој значеше враќање на корените, заживување на убавите македонски композиции, но и инспирација за многу домашни музички имиња да го следат неговиот пример.

8. Домашен концерт со рекордна посетеност

Универзалната сала беше негово омилено место за настап, таму неколку години по ред кон крајот на годината одржуваше традиционални предновогодишни хуманитарни концерти. А Градски за него беше “гола вода”. Го полнеше како од шега. Тој е единствениот македонски изведувач кој неколку пати по ред одржувал концерти на Градски, а за кои секогаш се барал билет повеќе. Токму неговиот последен концерт, уште еден во низата хуманитарни, одржан на 5 октомври 2007, десетина дена пред неговата трагична смрт, важи за домашен концерт со рекордна посетеност со повеќе од 40.000 негови фанови. Фанови кои му го подарија последното ѕвездено небо, фанови кои од кобната 2007 година постојано се собираат на истиот датум, 5 октомври, во негова чест и го прават неговото омилено “Ѕвездено небо”.

9. Неговите соништа…

“Мојата следна неостварена желба е англиски албум. Англискиот албум ми е важен и ми е голема желба”, ни откри Тоше во една пригода… Веруваше дека желбата ќе му се оствари и навистина токму кога почна да станува реалност, осамна утрото на 16 октомври 2016…