Да им дадеме поддршка на Македонците во Германија: Со петиција ќе бараат признавање на македонската возачка дозвола

Македонците што живеат и работат во Германија со петиција ќе бараат од германските власти да ја признаат македонската возачка дозвола, која во оваа западна земја се уште не важи што преставува голем проблем за нашинците.

Петицијата е отворена на 7 април 2017 година и сите заинтересирани граѓани ќе можат до 4 мај  да ја потпишат и да дадат поддршка на македонските државјани во Германија на следниов линк.

Бобан Петровски од Скопје кој работи во Минхен и веќе подолг период се обидува преку медиумите и на социјалните мрежи да ги поттикне и македонските власти посериозно да се ангажираат во признавањето на македонските возачки дозволи вели дека за три дена собрале 1.300 потписи.

Тој во изјава за „Фокус“ изразува надеж дека овој пат со помош на петицијата ќе најдат разбирање кај германските надлежни органи, а истовремено ги повикува  и македонските претставници во амбасадата во Берлин поажурно да се зафатат со решавање на овој голем проблем за македонските државјани.

Министерството за надворешни работи пред неколку месеци кога  „Фокус“ пишуваше за непризнавањето на македонските возачки дозволи изјави дека се очекува овој проблем да биде надминат во текот на годинава.