D-XTREME: екстремен и моќен гитарски звук за отворањето на Д ФЕСТИВАЛ!

Ова лето подгответе се и за најтврдиот звук на новото фестивалско лето во Дојран, бидејќи Д ФЕСТИВАЛ ќе го започне тридневниот музички маратон со новиот програмски концепт со кој Фестивалот добива жестоко музичко засилување за сите вљубеници во тврдиот гитарски звук и фуриозната енергија својствена на метал и хардкор музиката!

На самото отворање на фестивалот, во петок, 14-ти јули Москито бина е резервирана за D-XTREME програмата која се реализира во соработка со Terrorvoid Promotions, организацијата посветена на промоција на метал музиката на македонската андерграунд сцена, а која се запишува и како организатор на дел од најатрактивните концерти на овој музички жанр кои се одржале кај нас!

Во рамки на D-XTREME, Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе биде домаќин на премиерниот настап во Македонија на култниот бенд SINISTER – еден од најголемите бендови на андерграунд дет-метал сцената. Неуморниот состав од Холандија доаѓа на Д Фестивал со својот најнов албум, ѕверски моќниот „Syncretism“, на кој бендот се покажува несомнено свесен за својот енергичен и доминантен звук, секогаш верен на чистокрвниот дет-метал по кој се планетарно познати. Со вкупно 13 студиски албуми зад себе, повеќе од 25 години кариера и безмалку исто толку членови кои се запишаа во составот на бендот низ годините, SINISTER имаат безброј настапи ширум планетата и турнеи со големите имиња од метал сцената како Suffocation, Cannibal Corpse, Deicide, а се запишаа во листата предводници на сите релевантни метал фестивали низ светот.

САМО УШТЕ 10 ДЕНА за билетите со СУПЕР-ПРОМО цена!

Д ФЕСТИВАЛ годинава забележа огромен интерес уште од самиот старт на промотивната продажна акција „Ран Корморан“ во чии рамки all-inclusive билетите се продаваат за неверојатна цена од само 600 денари! Овие билети на посетителите им овозможуваат пристап до сите фестивалски стејџови и бесплатен камп за трите дена на Д Фестивал. Ран Корморан акцијата се спроведува со ограничен број на билети кои се речиси пред распродавање, а актуелната СУПЕР-ПРОМО цена ќе важи само уште неколку дена, односно најдоцна до 25-ти јуни. Билетите за Д Фестивал се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс, а за полесно и побрзо купување, од оваа година билетите можете да ги набавите и преку мобилната апликација на karti.com.mk која е достапна за преземање на следните линкови: – Android, – iOs.

Д ФЕСТИВАЛ ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран, а само во рамки на музичката програма на Фестивалот, своите настапи досега ги потврдија повеќе од 40 изведувачи. Уште многу нови учесници, гости и изненадувања на Д ФЕСТИВАЛ ќе бидат објавени многу скоро.