Интервју со Д-р Денис Ал Кхалили, специјалист педијатар и Претседател на невладината организација „Лулка“: Важно е трудниците да знаат како да го надминат стравот, да побараат помош и консултации

Често трудниците се исплашени за тоа што следи до крајот на бременоста и породувањето. Перцепцијата на бременоста и на целокупната состојба во која се наоѓа трудницата зависи од самата личност, од ставовите, очекувањата, информиранста, поддршката од околината и од семејството. Во денешното интервју разговараме со Д-р Денис Ал Кхалили на теми поврзани со бременоста на жените.

Скопје Инфо: Најпрво кажете ни што е „Лулка“?

Д-р Денис Ал Кхалили: Лулка е непрофитна невладина граѓанска организација која е основана во 2009 година и веќе 8 години работи на обезбедување на поддршка и едукација на граѓаните во приодот на бременост и родителство. Денес работиме на три области кои се важни во оваа фаза од животот: поддршка и едукација во текот на бременоста и породувањето; заштита, промоција и поддршка на доењето; и поддршка на предвремено родените бебиња и нивните семејства.Организацијата Лулка организира едукативни работилници за бременост и продување, работилници за доење за трудници, но и поддршка за доилките по породувањето. Спроведуваме психофизичка подготовка за породување со вежби за трудници во групи од 5-7 трудници, а на дел од часовите доаѓаат заедно со идните татковци, кои исто така учат нови работи во врска со негата на бебето.

Скопје Инфо: Колкаво е нивото на свесност кај нас, колку жените бараат помош од ваша страна?

Д-р Денис Ал Кхалили: Во денешни време трудниците се заинтересирани за нивната состојба, читаат, гледаат едукативни видеа, комуницираат со своите поискусни пријателки кои веќе се породиле. Сепак, дел од овие искуства се туѓи, не секогаш применливи кај секоја трудница, дел од информациите на социјалните мрежи се погрешни, неточни. Затоа, во текот на средбите со трудниците често не прашуваат дали она што го прочитале на интернет е точно или не. А нашата работа е во тоа да ги разјасниме работите, да ги отстраниме непознаниците и да го надминеме стравот заедно. Од искуствата со средбите со трудници во Скопје и низ Македонија, може да се забележи дека голем дел од трудниците читаат и се интересираат за бременоста и породувањето, а малку или воопшто не читаат за доењето и негата на бебето после продувањето. А кога ќе се породат за читање и информирање нема доволно време, бебето е тука, со неговите потреби и мајката, а и таткото треба да ги задоволат тие потреби. Токму затоа сме ние тука, во тек на активностите да ги информираме и обучиме и за она што следува после породувањето – доење и нега на бебето, капење, повивање, нега на папочето, справување со грчеви, масажа, техники на релаксација на бебето, спиење и многу други теми и моменти.

Скопје Инфо: Бременоста е сериозен период низ кој поминуваат жените, како таа се одразува на нивната ментална и психичка состојба?

Д-р Денис Ал Кхалили: Често трудниците се исплашени за тоа што следи до крајот на бременоста и породувањето. Перцепцијата на бременоста и на целокупната состојба во која се наоѓа трудницата зависи од самата личност, од ставовите, очекувањата, информиранста, поддршката од околината и од семејството. Лулка како организација во тимот има и гинеколог и психолог, кои може да одговорат на сите нејаснотии, стравови, да ги разјаснат работите. Ние ги информираме трудниците за постоењето на постпородилна тага и депресија, ги учиме да знаат што е тоа, како да ја препознаат и секако да побараат помош ако имаат потреба за тоа, пред или по породувањето. Бидејќи важен сегмент од бременоста е поддршката од партнерот, на нашите средби најчесто ги покануваме и партнерите, идните татковци и ја потенцираме и нивната улога. Во Скопје доаѓаат повеќе и партнерите, во другите градови засега тоа е реткост. Се надеваме дека во иднина тоа ќе се промени и повеќе идни татковци ќе ги посетуваат нашите работилници и едукативни предавања.

Скопје Инфо: Има ли начин, како да се надминат овие проблеми?

Д-р Денис Ал Кхалили: Секако. Како што спомнав, најважна е поддршката и информираноста, и затоа постоиме ние како организација Лулка. Но важно е и трудницата и партнерот да се свесни за постоењето на ваквите состојби на тага и депресија, бидејќи за нешто да се реши и надмине, треба најпрво да се препознае. Со барање на соодветна помош од психолог или со разговор со својот матичен гинеколог, матичен лекар, жената може да побара помош и да добие помош. За жал, голем број случаи на постпородилна депресија се нерегистрирани и нетретирани, а последиците од оваа состојба може да се провлекуваат и понатаму во животот.Т реба да нагласиме дека и педијатарот кој го следи развојот на бебето во првата година има важна улога во препознавање на овие состојби, според начинот на кој мајката се однесува, како реагира на барањата на бебето, ставот кон доењето и други показатели.

Скопје Инфо: Што е најважно, а што жените треба да го знаат за успешно да го поминат периодот на бременост?

Д-р Денис Ал Кхалили: Најважно е да знаат за прегледите кои е важно да се направат, како што се микробиолошките прегледи за откривање на инфекции. Овие инфекции е важно да се откријат и третираат, со цел да се заштити плодот. Некои од овие инфекции не даваат симптоми кај мајката, па може да поминат незабележително, а подоцна да предизвикаат предвремено прснување на воденикот и предвремено породување. Затоа е важно секоја трудница да ги направи овие испитувања – микробиолошки брисеви и серолошки тестови, со цел да се обезбеди здрава бременост и здраво бебе. Многу важни се и скрининг прегледите за откривање на вродени хромозомски пореметувања и за откривање на органски аномалии на плодот, кои се прават околу 12-тата и 20-тата недела од бременоста.На работилниците кои ги правиме ние ги информираме трудниците за сите овие важни прегледи и за нивното значење за здрава бременост и здраво бебе.

Скопје Инфо: Многу мајки се соочуваат со проблеми со доењето, кое е решението за овој проблем?

Д-р Денис Ал Кхалили: Најпрво, важно е да нагласиме дека многу помалку проблеми со доењето имаат жените од она што владее како мислење во јавноста. Современата доктрина во педијатријата се враќа на базичните природни механизми и рефлекси за започнување и одржување на доењето, и се труди доењето да го претстави како биолошка норма. Тоа значи дека веќе не се разговара дали е доењето добро или не, туку дека тоа е природен тек на процесот на бременост, породување и потоа доење. Доењето е биолошка норма како што е спиењето, јадењето или пиењето вода за луѓето, па затоа не треба да се сфаќа како нешто тешко, страшно или проблематично. Меѓутоа, за да се воспостави навреме и да функционира, доењето бара информираност (одредени предзнаења) кај мајката, рано поставување на градите на мајката по породувањето, во првите 30 – 60 минути после спонтано породување, и што е најважно – поддршка за доење во првите 2 недели по породувањето.Решението за потешкотиите со доењето е обезбедување на овие три фактори. Лулка како организација веќе 1 година спроведува едукација на трудниците за доење, а наскоро ќе започнеме со обезбедување на поддршка по породувањето. Делот кој се однесува на родилиштата и раното започнување на доењето по породувањето, се обидуваме да го подобриме и да делуваме заедно со институциите, преку учество со свој претставник во Националниот комитет за доење при Министерството за здравство.

Скопје Инфо: Периодот после породувањето многу често знае да биде тежок период од психолошки аспект, што ги советувате мајките за ова?

Д-р Денис Ал Кхалили: Важно е да го надминат стравот и да делуваат смирено, да побараат помош доколку имаат потреба, да прават редовна консултација со педијатарот за мерење на бебето и процена на процесот на доење. Секако дел од обврските во домот пожелно е да ги преземат партнерот и другите членови од семејството, а мајката да се посвети на своето бебе, на доењето како врвна потреба на бабето по породувањето.