Црвена налепница и ограничување за возилата кои најмногу загадуваат во Скопје

Eко-налепница со соодветна боја ќе добие секое возило, според тоа колку го загадува воздухот и по потреба ќе се исклучува од сообраќај.

Ова по средбата со градоначалниците од скопските општини и министерот за животна средина Садула Дураки, го најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Шилегов рече дека Градот Скопје и Министерството за внатрешни работи подготвуваат законски измени со кои што при технички преглед на возилата, ќе се мери количеството и составот на издувните гасови што ги испуштаат и врз основа на тој параметар да добијат соодветна еколошка налепница во зависност колку учествуваат во загадување на воздухот. „Идејата е да се мапираат возилата во целата држава. Да добијат соодветна еко налепница, која ќе има соодветна боја, за да можам како градоначалник административно да забранам движење во одреден период на оние возила што најмногу загадуваат, на пример оние со црвена налепница. Правиме анализа на категоризација на возилата според издувните гасови согласно правилата на Европската комисија“, рече Шилегов. Градоначалникот рече дека очекува до крајот на идната година да бидат мапирани и обележани сите возила.