Црна прогноза: До 2050 година, Македонија ќе изгуби 4,4 отсто од населението

Доколку се остварат статистичките прогнози, до 2050 година во Македонија ќе живеат 4,4 отсто помалку луѓе отколку денес, што би значело дека дотогаш ќе исчезна еден цел град, со големина на Куманово.

Ваквите информации доаѓаат од американската Централна разузнавачка агенција, која беше еден од изворите врз основа на кои се дојде до проекциите.

Речиси целиот регион ќе се соочи со намалување на бројот на населението.

Најцрни се предвидувањата за Србија, каде се проектира загуба од 33,2 отсто од населението или цел еден Белград. Веднаш зад неа е Словенија, каде се прогнозира намалување на бројот на населението за 23,18 отсто и Бугарија за 21,91 процент. За Грција се предвидува намалување за 10 проценти, Босна и Херцеговина 8,2, Романија 8,2, Црна Гора 7,9, Хрватска 7,7 ...

Единствено место на Балканот каде во следните 30 години ќе се случи спротивното, односно зголемување на популацијата е Косово.

Во Европа, најмногу население ќе изгуби Молдавија, каде намалувањето ќе изнесува 44,16 отсто, Литванија со 37,65 и Летонија со 35,86 проценти намалување на населението.

Иако се претпоставува дека за „исчезнувањето“ на популацијата е заслужно тоа што повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат, иселувањето и староста, тој тренд не е карактеристичен само за источна и Централна Европа. Така на пример, во Германија до 2050 година ќе живеат 12,8 отсто помалку луѓе отколку денес. Сличен тренд, иако во помали проценти се забележува и во Финска, Данска, Португалија, Чешка, Полска и Словенија.

„Рекордер“ по зголемувањето на бројот на луѓето ќе биде Луксембург, каде предвидувањата се дека до 2050 година ќе живеат 48,3 отсто повеќе жители отколку денес. По Луксембург, следуваат Ирска, Исланд, Шведска и Норвешка. Раст на населението ќе има и во Шпанија, Швајцарија, Белгија, Велика Британија, Франција, Австрија и Италија.