Согласно измените во Законот за акцизи на цигарите и производите од тутун, од јули годинава се очекува ново поскапување на цигарите. Законот предвидува зголемување на цигарите секоја година за најмалку 4 денари до 2023 година, што би значело дека една кутија цигари може да достигне и цена близу до 200 денари по кутија до крајот на циклусот.

Цигарите ќе поскапат за најмалку 4 денари по една кутија, со што одредени цигари од поскапите брендови ќе чинат и до 140 денари.

Последното поскапување на цигарите беше во август минатата година. Според сегашните цени, цигарите „марлборо“, кои важат за едни од најскапите цигари кај нас, се продаваат по цена од 130 денари, додека „тач“ чинат 100 денари.

„Вест“ чинат 80 денари и кај нив имаше поскапување од 10 денари. Кутија „родео“, еден од најпопуларните брендови меѓу македонските пушачи, кој чинеше 63 денари, се продава за 68 денари. Поскапи се и „давидоф“, кои сега се продаваат по 135 денари.

Со оглед на тоа дека цигарите во текот на минатата година поскапуваа и надвор од она што го наложуваше Законот за акцизи, не се исклучува до крајот на годинава одредени брендови да надминат и цена од 150 денари по кутија.