Чудотворниот лек за рак е всушност отров кој може да ве убие побрзо од карциномот

Витаминот Б17 кој се наоѓа во семките од кајсии е се` попопуларен алтернативен лек за рак, но експертите предупредуваат на неговата токсичност и опасноста од неговото конзумирање.

Алтернативните методи на лекување на ракот често претставуваат последната сламка на надеж кај хроничните болни од рак, особено кај оние видови со мала стапка за лекување или преживување.

Поради тоа, чудотворните методи се многу популарни, а една од нив е и лекување на карциномот со витамин Б17, кој уште се нарекува амигдалин. Тој витамин за прв пат е откриен во горчливиот бадем, а подоцна и во семките на кајсиите благодарение на хемичарот Ернст Т. Кребс.

Витаминот Б17 се состои од една молекула бензалдехид (benzaldehyde), една молекула хидроцијанид (HCN - hydrogen cyanide) и две молекули на гликоза (шеќер). Бензалдехидот и цијанидот се отровни елементи, а залагачите на оваа метода на лекување на ракот тврдат дека тие токсични елементи се фокусирани само на клетките на ракот. Но, научниците предупредуваат дека цијанидот во тој лек може да го убие болниот пред тоа да го направи ракот, пишува Daily Mail.

„Земањето цијанид во семките од кајсии резултира со сериозни несакани ефекти, како губење на чувството на допир и вкочанетост на прстите, но и смрт ако отровот се наталожи во телото“, стои во предупредувањето на британската Агенција за стандарди на храна и лекови.

Повеќето веб страници кои ги продаваат овие семки препорачуваат конзумирање од 10 до 12 од нив на ден за спречување на проширување на туморот, што е половина од дозата за која е утврдено дека е смртоносна за здравиот човек. Кај пациентите лекувани со хемотерапија и ослабен имунитет, дури и таа доза може да биде фатална.