Во ВИП Арена „Борис Трајковски“ денеска од 10 часот ќе биде отворен за посетители 31. Меѓународен саем на книгата, кој ќе трае до 14 мај. Работното време во седумте саемски денови е од 10 до 20 часот. Ќе учествуваат околу 70 издавачи, а посетителите ќе може да купат книги со саемски попуст. Понудата е разновидна – од белетристика до научни и стручни книги, енциклопедии, литература за деца… Ќе има и околу 30 промоции во Промотивниот центар во ВИП Арената.
Покрај домашни, најавено е и учество на издавачки куќи од Србија, Косово, Албанија, Данска и од Унгарија, чија книжевност е во фокусот на годинашниот Саем на книгата.
Официјално Саемот на книгата вечер ќе го отворат министерот без ресор Зоран Шапуриќ и извршниот директор на Скопски саем Даниeла Глигоровска. Поздравни обраќања ќе имаат и академик Влада Урошевиќ, претседателката на Друштвото на писателите Соња Стојменска- Елсезер и гостите од Унгарија – писателот Ласло Багоши и Тамаш Мензер, државен секретар на унгарското Министерство за надворешни работи. Влезниците за саемот се по цена од 30 денари, односно 20 денари за групни посети. За полесен и директен пристап на посетителите до ВИП Арена „Борис Трајковски“, ЈСП „Скопје“ и оваа година воведува две вонредни автобуски линии од населбите Ново Лисиче (бр. 100) и Дексион (бр. 200).