Чиста Околина настапува на Д фестивал

ЧИСТА ОКОЛИНА, култниот феномен на македонската супкултура и еден од најистакнатите хип-хоп состави кај нас, го потврди својот настап на главната бина на овогодишниот Д ФЕСТИВАЛ и тоа одбележувајќи ја 20-годишнината од објавувањето на својот студиски првенец! 

Со настапот на Чиста Околина, на Д Фестивал ќе одекне урбаниот звук на Скопје, граден врз основите на рап музиката, и химните како „Јас сум шеф“, „Пуздер“, „Одамна на векот“, но и новиот материјал на бендот како што е синглот „Изморена авангарда“ објавен во 2014 година. Секогаш неконвенционална па дури и за рап музиката, со концепт кој ги надминува рамките на жанрот, групата Чиста Околина во својата основа е своевидно движење кое постојано еволуира, задржувајќи ја искреноста како свој творечки императив. Безмалку пред точно 20 години (14 мај 1996) беше објавен денес култниот албум „Новиот аспект на старата школа“, а дел од активностите со кои групата го одбележува јубилејот е и настапот на Д ФЕСТИВАЛ, на кој Чиста Околина доаѓа во седумчлен состав.

Во мај 1996, Чиста Околина го издава својот албум „Новиот Аспект на Старата Школа“ снимен во 1995 година во сопственото студио П.Н.Г.Т. (Палавштините на Гроздан Темелковски). До тогаш групата веќе имаше снимено преку 70 демо-снимки. Од создавањето до издавањето на албумот, многу луѓе беа членови на Чиста Околина, а на деби албумот се потпишани: Улав, Ицко, Скелеку Скас, V.G., Стамче Фолк, Деликвент, Самоил Царот, Миро, Скарфејс, Митко Пикисипи, Кики, Спикер Тако, Ване најдолгиот, Јане баш буц и Џоге. Албумот е прво вакво издание во Македонија, во „олд скул“ стил и тенденциозно снимен без семплер, произведен само на ритам машина и грамофон. Својата концертна промоција албумот ја имаше во 1997 година, на самостоен концерт на Чиста Околина во магацинот на Нова железничка станица. Популарноста на бендот продолжи да расте во наредните години, а албумот доживеа и свое реиздание за етикетата „Литиум Рекордс“ (2000 год.). Две децении по неговото објавување, Чиста околина ќе ја претстават нивната уникатна музичка концепција на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран.

Покрај ЧИСТА ОКОЛИНА, својот настап на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ го потврдија и британските легенди на даб музиката DUB PISTOLS, а во наредните денови ќе бидат објавени и нови изведувачи кои ќе го одбележат шестото издание на единствениот тридневен open-air фестивал кај нас.

Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува од 15 до 17 јули во Дојран и тоа со богата музичка програма на повеќе фестивалски бини. Посебна музичка, арт и забавна програма годинава ќе биде подготвена во кампот на Д ФЕСТИВАЛ, која ќе биде наменета исклучиво за посетителите кои ќе се одлучат за фестивалските пакет-влезници, кои вклучуваат фестивалска и камп влезница.Продажбата на earlybird влезниците се спроведува преку продажната мрежа на МКтикетс, каде што најбрзите купувачи ќе можат да ги набават тридневните фестивалски влезници по цена од 600 денари или пакет влезниците кои вклучуваат фестивалска и камп влезница, по цена од 800 денари.

Сите детали околу продажбата на earlybird влезниците се достапни на овој линк.