Чифте амам ќе го врати полниот сјај до јуни 2019

“Времето на амамите е одамна изминато, но и покрај се се восхитуваме на убавината на објектите. Чифте амамот, вреден споменик на профаната архитектура од Отоманскиот период, е место каде што од сите пори се чувствува духот на едно минато време, кога бил изграден како завештание на Иса-бег.

Ова значајно културно наследство по поплавите во 2017 беше доведено во исклучителна опасност. Од тие причини, со средства од грантот наменети за санација на оштетувањата на Чифте амам ќе се изврши целосна заштита на објектот и ќе му се врати неговиот полн сјај“, рече министерот за култура Асаф Адеми на потпишувањето на договорот со амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, со кој Националната галерија на Македонија доби 91.000 американски долари од Амбасадата на САД за проектот „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“ изготвен во 2013 година.

Како што додаде Адеми, претходно со поддршка од Министерството за култура во објектот биле извршени и интервенции за промена на постојното осветлување и инсталација на ново галериско осветлување со најнова технологија. За оваа инвестиција биле одвоени средства од 1.665.000 денари.

“Реализацијата на проектот е предвидено да се спроведува 18 месеци, а се планира да заврши во јуни 2019. Истиот ќе се одвива во повеќе фази со финансиско учество и на Министерството за култура во износ од 2.000.000 денари, и со помош на средства од доделениот грант“, истакна директорката на НГМ Дита Старова Ќерими.

“Чифте амамот, како објект на културата заштитен со закон, е недвижното културно наследство од исклучително значење, а во него се наоѓаат депоа во кои се чува и движно културно наследство од исклучително значење – колекцијата на најстарите мајстори и дела од бившите југословенски простори и колекцијата на скулптури. Во насока на чување и заштита на нашето културно богатство и значењето на условите во кои тоа се чува, ќе го споменам катастрофалниот пример на уништување на Националниот музеј во Рио де Женеиро во Бразил, кој не опоменува за нашата постојана обврска функционално да ги одржуваме објектите, да вложуваме во нивната заштита за да не дозволиме неповратно уништување на нашето културно благо“, додаде Старова Ќерими која упати и апел до надлежните за расчистување на околината на Чифте амам како потенцијална опасност на објектот и она што во него се чува.

“Грантот на Амбасадорскиот фонд за културна заштита овојпат е наменет за да се зачува историска градба во срцето на Старата чаршија во Скопје. Ова е трет проект поддржан во Старата чаршија, а во текот на годините САД поддржаа повеќе реставрации на културни објекти, како што се Даут-пашиниот амам, Црквата Св. Спас…“, рече амбасадорот Џес Бејли. “Да бидам искрен, ретко се гледа толку многу проекти да бидат реализирани на едно место, а тоа е сведоштво за културната вредност на Старата скопска чаршија која е значајна не само за Македонија, туку и за светот. Но такво внимание и не треба да биде изненадување бидејќи на едно место, овде е собрано големо културни наследство, и цркви, и џамии, турски бањи и анови… Таа е сведок на различни културни и историски периоди од времето на Рим, Византија, Отоманската империја до современите периоди и претставува отворен жив музеј, мултикултурна средина, во која мирно коегзистираат луѓето без разлика на нивната религија, јазик или етникум“, додаде Бејли.

Инаку, грантот за Чифте амам е втор грант доделен на НГМ од Амбасадата на САД во Македонија, по првиот во 2010 година кој бил наменет за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даут-пашиниот амам.