Чифликот на Хавзи паша во скопско Бардовци

Ве водиме на чифликот на Хавзи паша во скопско Бардовци. Овие конаци претставуваат еден од највидните споменици на станбената архитектура на Балканскиот Полуостров од времето на феудалното уредување.

Чифликот на Хавзи паша со конаците во Бардовци бил подигнат во првата половина на XIX век, најверојатно 1830 до 1845 година, бидејќи Хавзи паша станал скопски паша околу 1820 година, 1845 година го напуштил Скопје, набргу потоа умрел.

По време на Балканските и Првата Светска Војна некои од помошните згради биле сериозно оштетени, додека главните станбени згради биле сочувани. Ваквата состојба е одржана до пред крајот на Втората Светска Војна. 1944 година целата конструкција од покривите и катовите на конаците била урната до приземјето, кога се повлекувале Германците.

Конаците во Бардовци претставуваат еден од највидните споменици на станбената архитектура на Балканскиот Полуостров од времето на феудалното уредување; тие во Турската империја се одржале до XIX век. Меѓу многубројните конаци со слична намена што билe изградени од разни видни Турци во Македонија, Космет, Босна и Србија се смета дека конаците во Бардовци биле најголеми по димензии, а се истакнувале над другите по стилската обработка и декоративното богатство. По својата содржина и структура конаците и населбите во Бардовци ги носат карактеристиките на слични комплекси – чифлици со населбите што се граделе во рамнините на тогашната Турска империја.

Населбата во Бардовци се состоела од два дела, селска населба и конаци за разлика од другите чифлици што се од затворена форма и концентрирани кон станот на господарот. Чифликот во Бардовци се одликува со отворен систем на изградба и урбанистичка диспозиција во поставувањето на целината на чифликот. Хавзи паша спровел плански распоред на куќите во населбата. Одделувајќи ги конаците од населбите, тој овозможил подобри услови на индивидуалниот живот на чифликчиите, отколку што им бил обезбеден на тие што живееле во населбите од затворен тип каде што во материјалната зависност се огледала потчинетоста на неговите селани-чифликчии.

Конаците претставувале населба наполно организирана за животот на господарот со целата негова фамилија, прислушници, чувари и придружба.

Целиот комплекс бил наполно ограден со камени ѕидови високи пет метра. По должината на ѕидовите, од надворешната страна биле распоредени осум кули, кои служеле за одбрана во случај на евентуални напади. Таму стоеле сатражари. Во случај на последна одбрана, служела специјална зграда во средината од комплексот во која се повлекувал и господарот.

Вкупната површина е поделена на три дела, одвоени со ѕидови во висина на надворешните.

Распоредот на зградата бил типичен за муслиманскиот стан: во средниот дел се наоѓал саламлук – зграда за мажи, а во источниот дел бил харемлук – зграда во која живеат женските членови на семејството и нивните деца. Во западниот дел се наоѓале просториите за коњи – коњушница. Во секој од овие дворови се наоѓале и помошни згради. Меѓу главните две згради саламлук и харемлук на самиот преграден ѕид се наоѓала зграда во форма на кула, градена од камен со повеќе соби во приземјето и катот. Таа служела како ризница, магацин за оружје, како и за повлекување на господарот и другиот персонал во случај на крајна одбрана од непријателот. Во висина на првиот кат се наоѓале дрвени мостови што ги поврзувале двете главни згради наполно одвоени. Женскиот двор бил поподреден од машкиот, бидејќи тука се одвивал и колскиот промет. Во конакот имало повеќе влезови. Главниот бил тој што водел од машкиот двор спроти селамлукот покриен со мал покрив. Тој бил најубаво обработен. Другите делови во конакот биле поврзани со мали вратници, исто така обработени. Сочуваните три мали влеза на надворешниот ѕид биле подоцна отворени.

Диспозицијата на основата на надворешното обликување, внатрешната обработка и големина практично биле идентични и на селамлукот и на харемлукот, со минимална разлика во деталите како една карактеристична мала кула, изработена во стакло, која служела за теферич на жените од харемлукот.

Основната композиција на зградата била наполно симетрична: се состоела од приземје и кат без визба со ист распоред на просториите. Катот се одликувал од приземјето по внатрешната обработка внатрешното уредување и декорацијата. Во центарот на катот се наоѓал голем хол кој кон фасадата се ширел во трем-галерија, а на спротивната страна во широк простор во кој биле сместени скалилата што се завршувале со доксат на северната страна. Оската што се формирала од овие пространства ја делела зградата на два еднакви дела. Покрај него се поставени четири главни соби две споредни и две оџаклии. На катот покрај фасадните соби се наоѓале и две остави.

Во приземјето сите соби биле наменети за живеење. Секоја од нив имала: печка, амамлук, долапи, одвоен пристап во собата, ниши за палење на свеќи и ламби.

Во катот просториите биле наменети за дневен престој и прием. Во четирите главни соби биле поставени богато украсени, големи камини.

Ѕидовите на приземјето се градени од кршен камен и варов малтер со дебелина од 65 до 70 сm. Ѕидовите на катовите биле во дрвен бондрук – исполнет со печена тула. Ѕидовите на приземјето не биле малтерисани, туку само десовани – ѕидовите на катовите биле потполно малтерисани. Таваните и покривната конструкција биле од дрвен материјал, а покривот од плитка ќерамида.

Еркерското проширување на основата од првиот кат било изведено на бочните фасади за остава и за собите-оџаклии, кои се потпирале на по два дрвени столба.

За разлика од постојните конаци, конакот на кнегињата Љубица во Белград, на кнез Милош во Топчидер, конакот во Бардовци се одликува со вешто вклопениот салон на првиот кат, кој во исто време се користи за свечености.

Просториите во конакот – ѕидовите на главните соби – биле изработени во гипс поделени на паноа, таваниците биле украсени со богата профилација. Камините во собите и чешмата во салонот биле од мермер и гипс.

За мајсторите и градителите на конакот за сега нема никакви податоци.