Четиридневен прекин на сообраќајот на улицата „Тодор Александров“

Наредните четири дена на улицата „Тодор Александров“ и на околните улички ќе има привремен сообраќаен режим, поради изведување градежни работи за асфалтирање на коловозот, информира денеска Град Скопје.

Како што информира Град Скопје, утре и задутре во периодот од 8 до 17 часот ќе се асфалтира левата страна од улицата „Тодор Александров“, а етапно ќе бидат затворени за сообраќај попречните улици „Белградска“, „Партение Зографски“, „Тасино Чешмиче“, „Славејко Арсов 1“ и „Славејко Арсов 2“.

Во сабота и недела во периодот од 8 до 17 часот ќе се асфалтира десната страна на улицата „Тодор Александров“, а етапно ќе бидат затворени за сообраќај попречните улици „Периша Савелиќ“, „Партение Зографски“, „Тасино Чешмиче“ и „Славејко Арсов“.

Во текот на градежните работи на терен ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Град Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и доколку се во можност, во своето движење да ја користат околната патна мрежа.