Честитка од Иванов до верниците кои го прославуваат католичкиот Божиќ

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

-Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови да Ви го честитам големиот празник на Христовото раѓање – Божиќ.

Рождеството Христово – Божиќ како еден од најсветлите и највозвишените денови во христијанството го симболизира новиот живот кој значи нов почеток и нова надеж. На овој важен ден имаме можност да се потсетиме на основните човечки вредности, да бидеме достојни верници и чесни луѓе, да живееме во хармонија и да шириме радост, љубов и добрина.

Да направиме сè и на овие празници различностите да не зближат, а вредностите кои нè обединуваат да бидат силата со која се движиме и работиме.

Во духот на долговековната традиција, посакувам празничните денови да ги минете во пријатна атмосфера, во кругот на најблиските исполнети со љубов и топлина.

Нека ве следи добра мисла, Божиќен и човекољубив дух, се наведува во честитката на претседателот Иванов.