Честит празник! Среќен роденден татковино!

Република Македонија денеска го одбележува 28 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. 

Празникот ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ.

Референдумот во Македонија се одржал во предвечерјето на распадот на СФРЈ на 8 септември 1991 г.

На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле “за” самостојна и суверена Македонија.

Македонците самите резултати ги прифатиле со голем оптимизам и еуфорија.

Одбележувањето на Денот  на независноста започнаа вчера со испалени 10 плотуни од страна на единицата на артилерискиот баталјон на Армијата.

Под мотото „Боите на независноста“ денеска кај Школка во Градскиот парк ќе се одржи прослава организирана од страна на Владата. Ќе се обрати премиерот Заев.

Во рамки на прославата ќе има богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапат Петко и „Пет плус“, групата „Ај кју“, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ.

Граѓаните ќе уживаат во традиционалната храна, ќе учествуваат во спортски активности и ќе имаат можност да ја видат изложбата подготвена од деца од малите групни домови. На посебен штанд на Министерството за здравство, ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед. Припадниците на Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе изведат показни вежби.

Одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.