Чешка прегазена во Скопје, ракометарите одат на ЕП како први во групата

Ракометната репрезентација на Македонија се пласираше на Европското првенство во Хрватска што ќе се одржи наредната година, откако и теоретски го завери билетот со победата над Чешка со 33:20 во Вип арената „Борис Трајковски“.

Ова е четврти пат во низа (2012, 2014, 2016, и сега 2018), пети вкупно, „црвено – жолтите“ да обезбедат учество на големиот континентален собир. Претходно, дебитантскиот настап го имавме во 1998 година кога го обезбедивме 12 – тото место. Но, изминативе пет години Македонија е постојан на големите ракометни настани, како европските, така и светските првенства.

Нашите репрезентативци одлично отворија и по пет минути направија предност од 2:0. Потоа се играше гол за гол, се до 12. минута кога поведовме и три разлика (7:4). Но, со два брзи гола, чесите се вратија на гол негатива (7:6). Како изминуваше времето, избраниците на Раул Гонзалез играа се подобро, па во 24 минута направија предност и од пет погодоци (12:7). На минута до крајот, нашиот капитен Кирил Лазаров одигра двоен цепелин со левото крило Дејан Манасков, за водство од 16:10 и ерупција меѓу навивачите. Со овој резултат воедно се отиде и на пауза.

Македонија фуриозно стартуваше и во вториот дел и со два гола зголеми на осум позитива (18:10), а во 40. минута дојде и до плус девет (22:13). Три минути подоцна, нашите ракометари остварија плус десет (25:15), а две минути до крајот ја имавме и највисоката предност од 13 поени (33:20), резултат со кој го завршивме натпреварот.

Најефикасен во македонкиот состав беше Кирил Лазаров со 11 погодоци, Манасков постигна шест, додека Пешевски четири пати се запиша во листата на стрелците.