Червар: Вечерашниот меч со Вардар доаѓа во незгоден момент за нас!

Македонскиот ракометен вицепрвак, екипата на Металург забележа голема победа во Лигата на шампионите против Елверум, меѓутоа сега за момците на Лино Червар следи нов испит – дерби-дуел со локалниот ривал и актуелен првак во мак-првенството, Вардар.

Автокомандосите се распукаа во Норвешка и победија на гостински терен во Европа по повеќе од две години. Червар е задоволен од тој дуел, но вели дека мечот против Вардар за неговиот млад тим доаѓа во незгоден момент.

– Натпреварот против Вардар ни доаѓа во незгоден момент. Пред два дена имавме тежок меч во Норвешка против Елверум во која моите ракометари се исцрпија. Но, како и да е, ова дерби има големо минато и секогаш е интересно за љубителите на ракометот во Македонија. Вардар е апсолутен фаворит на овој натпревар, моите млади ракометари ќе мора да дадат се од себе ако сакаат да се надигруваат со македонскиот првак – изјави Червар.

Мечот меѓу Вардар и Металург се игра од 17.45 часот во СЦ „Јане Сандански“.