Централното греење многу ќе го намали загадувањето во Скопје

Околу 45.000 потрошувачи во Скопје кои активно го користат системот за централно греење на БЕГ се греат на еколошки чист начин и со тоа значително придонесуваат за заштитата на животната средина. 


Експертите се децидни дека целосното искористување на овој систем за греење, покрај намалување на цената на услугата за корисниците, ќе овозможи и значително намалување на проблемот со загадувањето во Скопје, кој е најизразен токму за време на грејната сезона. На ваков заклучок упатуваат и последните научни истражувања, како што е студијата изработена од Машинскиот факултет во Скопје, со која се потврдуваат анализите, според кои, користењето на нееколошки средства за затоплување на домовите, пред сè, дрвата, јагленот, нафтата и останати несоодветни горива за урбани средини, се еден од главните причинители за проблемот со енормна загаденост на воздухот во Скопје во зимските месеци.

По повод годинешното одбележување на 22. Април - Светскиот ден на платенета земја, експертите препорачуваат дека земјата треба да го следи трендот на масовен развој на овие системи во градовите на Eвропската Унија со цел да се достигнат целите за намалување на штетните емисии во воздухот и истовремено да се обезбеди оптимален енергетски развој. 

Во Скопје веќе постои широко-распространет и еколошки оптимален систем за централно греење. Како резултат на обемните инвестиции направени во последните 5 години, сите топлани кои ги управува Балкан енерџи груп (БЕГ), како погонско гориво користат исклучиво природен гас кој е еколошки најчистото фосилно гориво. Покрај тоа, сите топлани се опремени и со автоматски систем за прибирање технолошки параметри од производниот процес, како и со уреди кои овозможуваат автоматска блокада на работата на котлите при евентуално зголемено ниво на чад. Топланите во рамки на групацијата БЕГ работат согласно позитивните законски прописи во сегментот на животната средина и ги поседуваат еколошки дозволи што ги издаваат надлежните институции. Емисиите во воздухот од овие топлани се далеку под законски дозволените гранични вредности утврдени во домашната законска регулатива и ги задоволуваат стандардите. 

На таков начин, со употреба на најсовремени технологии во топланите и со постојаната контрола и надзор на технолошките процеси, се гарантира еколошки чисто производство на топлина за централното греење на Градот Скопје.