ЦЕНТАР: За Работнички 490.000 евра, против загадување 60.000 евра

Општина Центар во Буџетот за 2018 година предвидува 490.000 евра за Кошаркарскиот клуб Работнички, додека под ставката за животна средина која се однесува на загадувањето предвидени се 60-тина илјади евра.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар, Зоран Поповски за Телевизија Нова вели дека тие гo поддржуваат финансиското помагање на сите спортски клубови на таа општина, но оти поради големиот проблем со загадувањето, дел од парите предвидени за Работнички треба да се пренаменат за животна средина. Според него, здравјето на граѓаните треба да биде приоритет.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, пак, за ТВ Нова појаснува дека средствата предвидени за Работнички не се само од општината, туку оти дел од нив се донации. Вели дека средставата за клубот можат и да растат во зависност од менаџерските способности на Управниот одбор и како тие ќе привлечат донации.

Во врска со загадувањето Богдановиќ рече дека тие 60-тина илјади евра се само во една од ставките кои ќе придонесат за намалување на загадувањето.

Градоначалникот вели дека веќе добиле предлог за измени на нацрт буџетот. Коалицијата за чист воздух О2 поднеле предлог, општината да субвенционира печки на пелети – што општината ќе го прифати во финалниот буџет.

Инаку, иако советниците на ВМРО-ДПМНЕ во некои општини го бојкотираат работењето на Советот како знак на ревoлт поради приведувањето на партиски членови за случувањата од 27 април, Поповски информира дека во општина Центар – советниците ќе учествуваат во расправата за буџетот за 2018 година.