Центар ќе издвои 770 000 евра за ново зеленило

Цели зони низ Општина Центар ќе добијат нови дрва, грмушки, тревна површина и автоматизиран систем за полевање. Ова е планот кој ќе го спроведува Општината во наредниот период со цел зголемување на зеленилото. Во изминатиот период поради интензивната урбанизација и големата фреквенција на луѓе кои ја посетуваат општината, неопходно беше сечење на некои дрва или пренаменување на зелени површини.

Општината со овој план сака да го врати балансот. Ваквата одлука доаѓа како резултат на барањата на граѓаните од овој дел на градот за повеќе зеленило. Општината и досега водеше сметка за зеленилото, па така можат да се забележат интервенциите спроведени околу Гратски Ѕид. Таму се засади трева и грмушести растенија на неколку локации со што се формираа мали урбани паркови. Претходно со вакви акции беа опфатени улиците „Димитрие Чуповски“, „Св.Кирил и Методиј“ и „Партизански одреди“, додека во нареден период се планира хортикултурно уредување на прсоторот помеѓу улиците „11 Октомври“ и улицата „Македонија“, булеварот „Илинден“ и улица „Елисие Поповски“.

Проектот ќе се реализира етапно за период од 12 месеци. На терен ќе работат фирмите „Изградба комерц“, „Хорти експерт“ и „Флорастат“, кои беа најповолни понудувачи. Општина Центар за оваа цел ќе потроши 770 000 евра од општинската каса.