Директорот на ЈП „Паркинзи на општина Центар“, Саша Богдановиќ и претседателот на Здружението за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица „Храна за сите – БХМ“, Душко Христов, денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел да се создадат услови за заедничко делување и посветеност во борба против сиромаштијата и гладот кај локалното население кое спаѓа во категоријата на социјално загрозени и сиромашни лица преку формирање на „Банка за храна“ на локално ниво.

ЈП ПОЦ соопшти дека со „Храна за сите – БХМ“ ќе соработуваат и делуваат за остварување на неколку цели: создавање услови преку кои ќе се постигне деловна соработка меѓу субјектите, обезбедување храна и прехранбени производи од компании и деловни субјекти кои тргуваат со храна, донирање на обезбедената храна на оние категории на кои најмногу им е потребна, подигнување на хуманоста на граѓаните и намалување на степенот на глад кај социјално загрозените и сиромашни лица, организирање на заеднички хуманитарни акции и унапредување на соработката со други заинтересирани субјекти.

Од ЈП ПОЦ информираат дека со потпишувањето на Меморандумот ќе се подигне свеста за општествената одговорност, ќе се зајакне свеста на локалната заедница за значењето на средината во која не би постоеле гладни лица, ќе се зајакне хуманоста и помагањето на социјално загрозените лица и ќе се покренат иницијативи за натамошни хуманитарни акции за помош на овие лица.