Центар ја започна процедурата за уривање на дивоградбата на Панчевски

Општинарите од Центар интензивно се подготвуваат да почнат да ја уриваат надградбата на зградата на улица „Никола Вапцаров“ број 6, чиј инвеститор се претседателот на скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски и два члена од неговата фамилија. Инвеститорот вчера поднел жалба на решението за уривање и за случајот ќе треба да се изјасни Второстепената комисија за управни постапки. Но, независно од постапката и од одлуката на оваа Комисија, велат од Центар, предметот нема да се стопира или одложи.

„Очекуваме до крај на неделава да избереме фирма што ќе урива и решението да се спроведе на терен, односно да се урне надградбата. Во меѓувреме, Второстепената комисија и да ја прифати жалбата и предметот да се врати назад, ние ќе постапиме идентично. Случајот е кристално јасен и чист. Доградбата е незаконска, градено е без никаква дозвола“, ни изјави Кочо Стојчески, раководител на Секторот за инспекциски надзор во Општина Центар.

Тој повторува дека инвеститорот добил одобрение за реконструкција и санација на фасадата, но не и дозвола за надградба. Иако побарал, барањето му било одбиено и вратено на доработка поради недостатоци во проектната документација. Панчевски не го сторил тоа, туку надградил без никаква дозвола уште два ката и потпокрив.

„Генерално гледано, тие нецели шестотини квадрати, веќе изградени, не можат да се легализираат по ниту еден основ. Сите дозволи и барања треба да минат во нашата Општина, што значи дека исклучени се од игра други институции кои можеби би му помогнале на инвеститорот да ги легализира тие два ката“, додава Стојчески.