Цената на становите во Скопје непрекинато опаѓа

Цената на становите во Скопје непрекинато опаѓа 15 месеци по ред, по евиденцијата на Народната банка.

Во новиот квартален извештај НБРМ наведува дека во второто тромесечје индексот на цените на становите на годишна основа се намалил за 3,9%. Трендот се толкува во согласност со надолното  приспособување на цените на становите низ целата земја, без никакви најави за сопирање во однос на Скопје.

Банката смета дека има можност растот на понудата на станови да се стабилизира, наспроти дофицифрените стапки на раст изминатите две години заради малиот раст на изградба на станбени згради во првиот квартал и помалку изддадени одобренија за нивна градба.

Во извештајoт стои дека од април до јуни 2017 во однос на истиот период лани цените на становите се намалени за 3.9%.

Сепак НБРМ очекува стабилизирање во претстојниот период, пред се поради помалата понуда во иднина.

„Наспроти двоцифрените стапки на раст во изминатите две години, во првиот квартал од годината е регистриран мал раст на изградбата на станбени згради, а забавување на годишната динамика на раст се забележува и кај издадени одобренија за изградба на станбени згради“ наведуваат од Народната банка.

Податоците на Народната банка за кредитите, пак, покажуваат дека станбените кредити во јули имале двоцифрена годишна стапка на раст од 13.7%. Граѓаните сега должат над 600 милиони евра по овој основ.

Анализите на НБРМ покажуваат дека има значителна промена на просечната цена на становите во изминатите години. Најевтини биле во 2006-та, цените се зголемувале се до 2010-та кога почнува нивното намалување. Така во 2016-та во однос на 2010-та просечната цена на квадратот била пониска за 15%. Во 2016-та во однос на 2010-та била пониска за 23%.

Овие податоци се совпаѓаат со оние од Регистарот на цени и закупнини што минатиот месец го објави Агенцијата за катастар, а се однесува на периодот март – јуни.

Во овој квартал во согласност со податоците од базата на катастарот на недвижности имало 3.663 новоизградени станови, кои се непродадени. Во тек на градба се 9.973 станови на целата територија Македонија или вкупно 13.636 нови стана кои се нудат на пазарот.

„Доколку условите на пазарот на недвижности останат исти подолг временски период, Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува благ пад и стабилизација на цените на недвижностите во одредени општини, пред се поради зголемената градежна активност и значително намалената побарувачка на станови“ соопштија неодамна од Катастарот.