Љубов и секс
10. Јануари 2017 - 14:47

Цената на исчезнувањето: Ајде да бидеме покоректни кога ги завршуваме врските!

Знаете како оди тоа. Запознавате некој, супер ви оди. Се е совршено. И одеднаш, исчезнуваат како духови. Не враќаат на пораки, повици, писма или каква и да било форма на комуникација. И што е најтрагично исчезнуваат без никакво објаснување. Едноставно ги снемува.

Не знам дали постои нешто поболно од тоа да направите човек да се  чувствува невидливо.

Многумина веднаш помислуваат на романтични врски, но на пример, првата личност која ми исчезна во животот беше мојата најдобра другарка. Се случи пред многу години, многу пред социјалните мрежи. Во тој период живеевме во различни градови, но секогаш имавме одлична комуникација преку телефон и мејлови. И одеднаш, без никакво објаснување, престана да ми крева на телефон и веќе не добив одговор на ниту еден мејл.

Јас сум тип на личност која целосно се вложува себеси во односите со другите, па ми треба неколку месеци да сфатам дека другарка ми исчезна комплетно. Дури и кога престанав да се обидувам да стапам во контакт, ми требаа години за да ја надминам таа болка.

Губењето на пријател и жалењето за пријателството е секогаш тешко.

Од неодамна сум разведена и имам искусено и мажи како ми исчезнуваат. Иако боли, повеќето мажи што ми исчезнале биле само познаници и не ме повредиле толку емотивно, колку што го повредија моето его.

И тогаш запознав еден тип кој ми се допадна уште од сам почеток. Да, паднав на типот многу рано и многу брзо и како емпат по дефиниција сум чувствителна личност. Исто така го прифаќам фактот дека самата сум си одговорна за моите чувства и никој ја нема одговорноста да ги возврати тие чувства. Сепак, болно е повторно да се биде во ситуација кога личност која навистина ми значела едноставно исчезна од мојот живот.

Имам прочитано и статии во кои се оправдуваат луѓето кои исчезнуваат и би сакала да ја испратам оваа порака до секој кој исчезнувал или помислил на ваков начин да заврши врска, без оглед на тоа дали се работи за пријателство или врска.

Сите имаме право на наши чувства, но исто така сме и одговорни за нашите дела.

Исчезнувањето е дело, активност.

Можеби сакаме да избегнеме да нанесеме некому болка, но болката што ќе ја предизвикаме со тоа што комплетно ќе игнорираме и извисиме некое живо суштество со чувства е многу полоша од болката која ќе ја предизвикаме со тоа што ќе бидеме искрени за нашите чувства.

Потребна е храброст за човек да биде ранлив и да сака и најмалку што можеме да направиме е да ја почитуваме таа храброст со тоа што и самите ние ќе бидеме барем малку храбри.

Потребен е само момент да се одговори на порака или повик. И со искреноста поштедуваме одредена личност  од изгубени месеци потрошени во прашања и обиди да дознае што се случило.

Како што социјалните мрежи продолжуваат да ги редефинираат врските, исчезнувањето стана уште повообичаено. Можеме да блокираме повици и порака и можеме да избришеме некого од Фејсбук.

Се изгледа дека не е лично откако технологијата тргна голем дел од личниот контакт.

Во свет којшто става толку многу далечина помеѓу нас, се надевам дека ќе запаметиме дека личноста на другата страна од мејловите, пораките и повиците е личност со чувства исто толку реални и како нашите.

И се надевам дека тоа еден ден ќе вреди.