Тројца скопјани синоќа завршиле во болница, откако доживеале тешка сообраќајка на улицата „Кирил и Методиј“ во Скопје, спроти трговскиот Рамстор.

Според билтенот на МВР соовраќајката се случила во 1 и 25 минути кога автомобил „Шеврлолет круз“, управуван од В.Б. 47 од Скопје, од засега непознати причини, излетал од коловозот и удрил во дрво, а потоа во две паркирани возила.

Возачот и еден од патниците, Љ.С. 55 од Скопје, се здобиле со тешки телесни повреди, додека третиот патник, Т.Г. 39 од Скопје, поминал само со телесни повреди. Со возило на Брза помош тројцата веднаш биле пренесени на Скопските клиники.

Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје од каде информираат дека дополнително ќе се утврдува со колку возел возачот и зошто изгубил контрола.

Очевидци раскажуваат дека сообраќајката била страшна. Станарите од околните згради сведочаат дека слушнале силен удар, по што виделе повредени луѓе во бел автомобил, кои набргу биле однесени во болница.

Рано утринава со помош на пајак служба шевролетот беше тргнат од местото на несреќата.