Со одстранување на старата асфална подлога започна целосната реконструкција на улицата „Браќа Чакреви“ во општината Ѓорче Петров.

Реконструкцијата ќе опфати промена на коловозот, целосно ќе се реконструираат тротоарите со широчина од 1,5 метри, а ќе биде изведена и нова атмосферска канализација со широчина на цевките од 250 мм. Во проектот е планирано и поставување на новото улично осветлување, информираат од општината.

Улицата е со должина од 330 метри и широчина од 6 метри. Работите ќе ги реализира АД „Карпош“ Скопје. Средствата за реализација на проектот во висина од 10,8 милиони денари ги обезбеди Министерството за транспорт и врски и општината Ѓорче Петров. Ако работите се одвиваат по предвидениот план, работите на реконструкција на улицата ќе траат до крајот на месец јуни 2017 година.

Од општината апелираат до жителите на споменатата улица за разбирање но исто така ги замолуваат граѓаните да не ги паркираат своите возила на тротоарите за да може градежната оператива непречено да работи.