Цели 20 илјади евра ќе потроши ПОЦ за изработка на нова веб страна

Договор во вредност од 1.235.000,00 денари, односно 20 илјади евра ќе потроши јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ за изработка за нова веб страна. Според договорот објавен на веб страната на Бирото за јавни набавки новата веб страна ќе треба да ја изработи компанијата „Виста груп ДООЕЛ експорт - импорт“.

Техничката спецификација која е во прилог на договорот предвидува веб страната да биде изработена во ЦМС и истата да биде динамична со механизам за менување и додавање на содржини. Освен стандардните содржини поврзани со работата на јавното претпријатие, веб страната треба да содржи и дел за надополнување, плаќање и проверка на паркинг картата.

Познавачите на оваа проблематика коментираат дека договорот е склучен на износ кој е висок и нереален. Најчесто договорите поврзани со вакви услуги се движат до 5000 евра што е речиси четири пати помалку од договорот кој општина Центар го склучила со компанијата „Виста груп ДООЕЛ“.

Договорот кој општината го има склучено со економскиот оператор не предвидува рок за завршување на услугите, но има рок за плаќање на услугата. Јавното претпријатие единствено предвидело дека носителот на набавката е должен да ги извршува услугите согласно техничката спецификација.

Компанијата „Виста Груп“ изминатиот период беше жестоко критикувана во јавноста. Тогашната опозиција, а денешна власт обвинуваше дека таа е формирана за лукративен бизнис за „свои“ луѓе.