Булеварот Босна и Херцеговина полека но сигурно ќе се гради

Иако првиот најавен почеток за изградба на булеварот Босна и Херцеговина беше уште минатата година дури последните десетина денови се размрдаа работите на терен. По цело лето мирување, конечно повторно почнаа градежните активности на проширувањето на булеварот во делот на општината Бутел. Работите почнаа со сечење на првото дрво, единствената сенка под која граѓаните чекаа автобус на последната станица на автобуските линии со број „9“ и „35“ во скопската населба Скопје-Север. 

Штом градежните активности ќе земат замав, најверојатно ќе биде поместена и автобуската постојка од постојната локација кај железничката станица Скопје-Север на другата страна во населбата. Градежните зафати во изминативе летни месеци мируваа и градежните машини не се поместија од место, откако беше завршена изградбата на потпорниот ѕид од страната на зградите во населбата. Рабниците за проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина и другите градежни материјали одамна чекаат на денот кога ќе се употребат, бидејќи проширувањето официјално почна минатата година.