Булевар низ Керамидница ќе никне за да отвори пат за градење згради

Информациите за инфраструктурни зафати во еден дел на населбата Керамидница што пред два месеци ги најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ги возбуди духовите во ова поранешно скопско маало кое е густо населено, каде има и голем број нови и модерни градби, но се уште има и многу чисто маалски елементи, стари објекти, трошни куќи и маалски живот.

Некои од жителите на ова маало велат дека откако слушнале за најавите за изградба на мост што ќе ги поврзе со населбата Аеродром, како и на булевар кој ќе минува низ централниот дел на Кераминица, како и тоа дека ќе се градат згради од по 11 ката, училишта, дека тука ќе минува голем сообраќај, а ќе има и автобуски линии, практично од почетокот на годинава секој разговор им почнува и завршува со оваа тема.

– Засега отсуствуваат прецизни информации што и како ќе се гради, каде ќе минува трасата на булеварот, каде би се граделе некои од најавените објекти, наводно згради зад фабриките Санос и Комуна. Освен некои екипи од Град Скопје кои пред извесно време правеа увид низ населбата, никој друг не не посетил, да поразговара со нас, да одржи собир со граѓаните во месната заедница и подетално да не информира – ни рече еден жител на Керамидница.

Вечер побара одговори од Град Скопје, како носител на овој голем инфраструктурен проект и оттаму не информираа дека во тек се процедурите за изработка на инфраструктурен план, а деновиве ќе почне постапката за изработка на изведбен план кој ќе пропише три фази на реализација на проектот. Меѓутоа, од Град Скопје не прецизираа што ќе биде опфатено во секоја од трите фази. Тоа ги зголемува стравувањата од евентуални нарушувања на не многу комотниот живот во населбата која има купишта урбанистички и комунални проблеми. Многумина од тукашните жители не ги завршиле постапките околу приватизацијата на земјата од своите дворови и легализацијата на куќите во кои живеат и на помошните објекти што ги користат, а кои им беа наметнати согласно новите законски прописи по 2010 година.

Стравувањата се зголемуваат, вели нашиот соговорник, со евидентното присуство на разни емисари, па и мешетари од бизнис и партиски провиниенции кои веќе имале средби со одредени жители чии имоти, пак, се на самата траса на булеварот.

– Се слуша дека во зависност од нивните најави за изградба на вакви или онакви објекти, станбени згради и слично, трасата на булеварот што треба да се пробие се менува постојано, секако засега само во маалските муабети – ни изјави тој.

Меѓу прашањата што ги мачат жителите на Керамидница се и за тоа колкави ќе бидат цените на квадратен метар земја и на станбен квадрат за обесштетување на жителите за земјиштето од над 120 куќи и дворови, а што ќе им биде одземено само за потребите на новиот булевар.

– Малку смирувачки делуваат некои информации што засега неофицијално доаѓаат од разно разни информатори дека до крајот на оваа и во наредната деценија токму Керамидница ќе биде едно од централните подрачја во градот каде ќе се врши интензивна изградба – вели овој жител на Керамидница.

А, колку таа, меѓу другото ќе биде сообразена и со потребите на жителите на оваа населба, кои, велат, веќе се присутни тука и со петтата генерација, по оние нивни предци што се населиле овде најчесто во 50-те и 60-те години на минатиот век, е прашањето на кое засега никој од одговорните се уште не дава конкретен одговор, што инаку го очекуваат од најповиканите за тоа во Градот Скопје и секако во Општина Гази Баба.

Од Град Скопје за Вечер информираат дека интензивно се работи на овој проект. Комуникацијата меѓу стручните служби на Градот и општините поврзани во овој проект е секојдневна, а координативно тело на градоначалниците се оддржа на трети овој месец.

– Обемот на експропријацијата на имоти на трасите ќе биде конечно уточнета со правењето на финалните плански решенија. Град Скопје ќе работи и на овој проблем паралелно со изработката на проектната документација и нема да се случи, како што имаме примери од претходно, да се остават нерешени имотно-правни проблеми пред почетокот на изградбата на овој инфраструктурен мегапроект – одговорија од Град Скопје.