Букет Среќа: Од креативна идеја до успешна бизнис приказна за само една година

Водена од идејата за нешто ново и необично и силната желба  да го обои своето секојдневие, Ирена Гуржовска, започнува да прави букети. Но не обични букети од цвеќе, туку букети што се јадат. Се запишува на онлајн курс по фудфлористика и станува првиот фудфлорист на Балканот.  На инсистирање на една нејзина пријателка, ја отвора денес добро познатата Фејсбук страница “Букет Среќа” и веста за букетите што се јадат за многу кратко време се шири низ Скопје, а потоа и низ целата држава.
Набргу потоа ја основа компанијата „Букет Среќа“ која во моментов е прва и единствената регистрирана компанија во земјава којашто се занимава со фудфлористика.

„Скоро една година луѓето во Скопје даруваат повеќе од само букети. Со секој подарен букет од овошје или зеленчук, подарувате емоции и незаборавни спомени. За 10 години од сега, никој нема да ги памети црвените рози во букетот што го добиле, но со сигурност ќе се сеќаваат на букетот од брокула и јагоди. И не само на букетот, ќе се сеќават на емоциите, на мирисот, на среќата во момент кога го добиле букетот. Оттаму и името на компанијата „Букет Среќа“, вели Гуржовска.

За фудфлористиката во нашата земја но и во Европа се знае многу малку. Најмногу фудфлористи има во Русија и земјите од поранешниот Советски Сојуз, додека во Европа се само неколку вклучувајки ја и Гуржовска.
Свесна за потребата од постојано надоградување во текот на оваа година сопственичката на Букет Среќа, работи под директно менторство на Ања Назарова , девојката којашто во 2014та година, во Русија, за прв пат го развива концептот на фудфлористиката.

„За разлика од Русија во која секојдневно расте бројот на луѓето  на кои фудфлористиката им станува професија во Европа засега сме само неколку. Најблиску до нас се една девојка, русинка, која што работи во Нови Сад,Србија, и една девојка во Софија, Бугарија. Сите ние сме како едно големо семејство, комуницираме, си даваме совети и идеи.  Пред неколку месеци престојував во Москва каде што и лично се запознав со мојата менторка и ја претставив мојата работа.  Јас работам една година, а во последно време оваа професија станува се попопуларна, па така и кај нас сега веќе има неколку девојки коишто почнуваат да се занимаваат со фудфлористика. Морам да кажам дека е прекрасно чувството да знаеш дека си инспирирал некого да почне да го прави она што го правиш ти, но во исто време, имаш поголема обврска за да поставиш стандарди и имаш поголема одговорност”, додава Гуржовска.

Букет Среќа без сомнение е една убава бизнис приказна која иако постои само една година и главно дејствува на територија на град Скопје постави високи стандарди за правецот во кој се развива фудфлористиката во нашата земја, а доказ за тоа се и бројот на задоволните клиенти, желни да изненадат некој со прекрасните и уникатни букети кои е невозможно да не ви изнудат насмевка.