Брзото возење убива: Неколку причини да ја намалите брзината во сообраќајот

Возачот е должен брзината на движењето на возилото да ја приспособува кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот,  густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, на начин да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадените услови може да ја предвиди - гласи одредбата од   Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Истражувањата кои ги направи Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата покажуваат дека 86 % од возачите во Република Македонија  ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината,   а 20 %  од нив,  тоа го прават често.  Ваквиот податок е загрижувачки и укажува на потребата за будење на свеста и разумот  кај возачите за последиците од брзото и агресивно однесување во сообраќајот.

Статистичките податоци покажуваат дека,  изминатата 2017 година,  во Република Македонија,   72 лица го загубиле животот, a 1254 лица се повредени,  во сообраќајни незгоди предизвикани од брзо возење.   Податок што  недвосмислено потврдува дека  брзото возење убива. 

Водејки се од податоците од истражувањата и имајќи ја во предвид  црната статистика на патиштата во изминатата година ,  РСБСП со совети зошто не треба да се вози брзо.

Важно правило:  Брзото возење убива, ја загрозува безбедноста во сообраќајот и истото  се санкционира со парична казна до  400 евра во денарска противвредност,   во зависност од тежината на сторениот прекршок, односно од големината на пречекорувањето на брзината.

Покрај наведеното постојат и  многу други причини зошто не треба да се  вози брзо и тоа:

  • Одземање на возачката дозвола. Непочитувањето на правилата за ограничување на брзината може да биде санкционирано и со  времено одземање на возачката дозвола на период до 12 месеци. 
  • Брзото возење ве прави нервозни и агресивни. Истражувањата направени во САД покажуваат дека  возачите кои не ги почитуваат правилата за ограничување на брзината често се нервозни и фрустрирани, во постојана караница со оние кои возат побавно и ги почитуваат правилата.  На тој начин  всушност возењето им   станува „ кошмар“, а лошото расположение се пренесува понатаму  на нивната професионална  работа или во кругот на семејството.
  •  Агресивните и брзи возачи немаат можност да уживаат во  возењето.  Смиреното возење ве прави релаксиран и среќен возач. 
  • Заштеда на гориво.  Најдобриот  начин  за да  заштедите  на гориво  (покрај користењето на алтернативен превоз и некористење на возилото)  е  бавното и смирено управување на возилото.  Постепено забрзување на возилото, постепено забавување на возилото  и умерена работа на моторот е  доста ефикасен начин за заштеда на гориво.
  •  Загуба на време. Лажна  и „скапо платена“ е перцепцијата  за заштеда на време со брзо и агресивно однесување во сообраќајот.   Времето кое брзите и агресивни возачи навидум го  заштедуваат е минимално и неспоредливо во споредба со сите ризици, трошоци и нервози со кои  се соочуваат.  Времето изгубено за поправка на грешките и санирање на последиците од брзото возење е повеќекратно поголемо во споредба од заштеденото време со брзо и агресивно возење.
  • Грижа за автомобилот.  Автомобилите кои се управувани од возачи кои  се однесуваат брзо и агресивно во сообраќајот почесто се предмет на физичко оштетување и почесто се подложни на технички недостатоци и неисправно функционирање на дел од системите на возилото.
  • Избегнување на стресни ситуации. Возачите кои возат брзо и агресивно се речиси постојано под стрес додека го управуваат своето возило. Дополонително,  сите несакани ситуации со кои се соочуваат како последица на брзото возење (сообраќајна незгода, повреди, материјална штета, казни, итн.) дополнително го зголемува стресот и штетно влијае на здравјето. 

РСБСП со препорака: Животот е патување, живеј го смирено и безбедно. Почитувајте ги правилата за ограничување на брзината.