Брокула – најздравиот зеленчук на светот

Брокулата се многу важна намирница за нашето здравје. Корисна е за оние кои се борат против вишокот килограми, бидејќи е нискокалоричен зеленчук, а освен тоа е богата и со витамини и минерали. Во својот состав, таа содржи калциум, калиум, фосфор, магнезиум, натриум, железо, цинк, хром и витамини А, Ц, К, Е, Б1, Б2, Б6, Б9.

Овој зеленчук потекнува од Италија, од каде што го добива и своето име што буквално преведено значи гранка. Денес, брокулата се употребува секаде во светот, а може да се јаде свежа, или пак готвена.

За да се постигне најголема искористеност на драгоцени материјали, најдобро е да се јаде свежа, односно во сирова состојба, или пак по многу кратко готвење на пареа. Редовната и правилна употреба на оваа намирница може значајно да се зачува и унапреди здравствената состојба.

Брокулите во себе содржат фитохемикалии кои имаат антиоксидантни својства, така што го спречуваат настанувањето и развојот на различни заболувања и инфекции. Од тие причини, брокулата е одличен борец против ракот, особено на дебелото црево, дојките и белите дробови.

Поради високото ниво на витамин Ц и аминокиселини, таа го јакне имунолошкиот систем, го штити организмот од слободни радикали и го поттикнува исфрлањето на киселини од телото. Високото ниво на калиум кое го содржи, помага за правилно функционирање на нервниот систем и мозок.

Нутриционистите истакнуваат дека долготрајното конзумирање на овој зеленчук помага и во спречување на старењеето. Како намирница, брокулата е особено корисна за жените во периодот на менопауза поради тоа што витаминот К, калциум, магнезиум, цинк и фосфор, делуваат позитивно на коските и се одлична превенција за остеопероза.

Научните истражувања покажуваат дека фолната киселина која е содржана во брокулата ги спречува невролошките оштетувања на формираниот организам и фетусот, па со оглед на огромното количество фолна киселина кое го содржи, таа се препорачува на трудниците. Од истите причини, употребата на оваа билка, може да го намали ризикот од Алцхајмерова болест.

Брокулите исто така се препорачуваат и за луѓе со прекумерна тежина, со повисок крвен притисок и холестерол, но и дијабетичари.