Бременоста од гледна точка на таткото: Извинувајте се дури и кога не сте виновни!

Бременоста е навистина прекрасна работа. Создавање на нов живот, исчекување на бебето и проширувањето на семејството е секогаш прекрасна вест и повод за веселба. Но, самата бременост си има и свои предизвици, а освен идните мајки, тоа набргу го сфаќаат и идните татковци.

Клинт Едвардс реши да сподели со јавноста неколку неочекувани работи кои ги открил за време на бременоста на неговата жена.

„Јас сум татко на три деца и секоја бременост беше различно искуство. Јас сум најмлад во своето семејство, така што мојата жена е првата трудница со која сум имал директен контакт. Се чувствував потполно неподготвен за сето тоа. Чувствував дека треба да знам повеќе.

Еве неколку работи кои повеќето мажи не ги знаат кога станува збор за бременоста:

Трудниците многу плачат

Кога Мел беше трудна со нашето прво дете, ја прашав дали сака да ја украсуваме новогодишната елка, а таа веднаш почна да плаче. Почна да ми вика: „Зарем не сфаќаш колку сум уморна?“ Потоа рече дека сум кретен. Милион пати сум видел во филмовите како трудниците губат контрола над своите емоции и секогаш ми било смешно. Но, кога се соочив со тоа, сфатив дека не е баш така како што изгледа.

Нормално дека се изнервирав. Но, ќе ви дадам еден совет: Ако некогаш ви се случи нешто такво, едноставно извинете се и сами украсете ја елката. Извинувањето треба да ви биде дел од секојдневието. За време на првата бременост, моја жена плачеше за се: банката е затворена, нема многу бензин во автомобилот, сум го изел последниот чипс, но трудниците постојано плачат и тоа е сосема нормално.

Дури кога дојде втората бременост сфатив дека моја работа е да ја поддржувам додека се бори со чувствата во текот на овој период. Да бидам разумен дури и кога таа е нерационална. Извинувајте се, дури и кога не сте виновни.  Бидете полни со разбирање. И прегрнувајте ја постојано!

 Трудниците многу зборуваат за извршување голема нужда за време на породувањето

Изгледа дека ова е еден од најголемите труднички стравови. Жените признаваат дека тоа им се случувало и како го надминале тоа, а секоја жена која прв пат поминува низ тоа пребледува на самата помисла на тоа. 

Како маж, никогаш не ми паднало на ум дека може да е случи нешто вакво. Но, кога размислив малку подобро, притисокот е голем и има логика дека е возможна целата ситуација. Но, мислев дека најчудниот дел од бременоста е тоа што треба да бидете пред многу луѓе и да туркате бебе од вашата вагина.

Совет: Немојте ни случајно да се шегувате на оваа тема, но кажете и дека ја сакате и дека тоа не е важно. А ако се случи, никогаш не го спомнувајте тоа. Ни пред неа, ни пред други!

Бременоста го менува телото на сите можни начини

Очекував да и порасне стомакот. Но, не знаев дека целата ќе отече, од вратот до малиот прст на ногата. Дури и прстите на рацете и отекоа. Пред крајот на бременоста и се појавија црвени дамки на телото и стрии на стомакот и градите. Бидете подготвени за овие промени и немојте воопшто да ги споменувате и коментирате. Не правете шеги за тоа, не правете никакви споредби и немојте да направите да се чувствува лошо поради тоа како изгледа.

Ваша работа е да направите таа да сфати дека и покрај сите промени, таа е прекрасна и дека неверојатно и се воодушевувате за тоа што поминува низ целиот процес.

За секс со бремена жена потребно е многу трпение и снаодливост

Немав претстава колку ќе ни се промени сексуалниот живот. Не е дека немавме секс или дека таа не сакаше. Дури некогаш сакаше и повеќе од мене. Но, работите се менуваа со секое наредно тримесечје. Некои потези кои претходно биле пријатни, веќе не беа. Повеќе разговаравме за време на сексот, како двајца тинејџери кои се трудат да сфатат како функционира сексот. Требаше време и многу, ама многу комуникација. Беше добро, но беше поинакво и требаше да се планира.

Запрете малку, добро размислете околу тоа низ какви промени поминува и прифатете ги, затоа што се само привремени промени.

Породувањето е страшно

Луѓето често зборуваа за тоа дека породувањето е чудо, но во реалноста, барем за мене, е застрашувачко. Нема да ви откријам се, но верувајте ми, ако ви се слоши, ко мене што ми се слоши, не гледајте. Само фатете ја за рака и давајте и поддршка. 

Во секој случај, проаѓањето низ овие три бремености со неа, придонесе кај мене да се појави уште поголемо почитување кон Мел  и сите останати мајки. Се уште не ја разбирам бременоста во потполност, но доволно ја разбирам за да знам дека треба да се почитува и чува. Мојот совет за вас е следниот: Секогаш кога вашата трудна жена ќе ве испрати во три  часот наутро по плескавица, сетете се дека проаѓа низ нешто што истовремено е специјално и тешко и дека ваша работа е да направите се што е во ваша можност за да и биде попријатно.