“Бракот е брак” според “Просидба” од Чехов – во Театар Комедија

Во Театарот Комедија вечерва (20 часот) ќе биде одиграна претставата “Бракот е брак” во режија на Теа Беговска, а работена според “Просидба” од Чехов.

Според директорката Мирјана Поповска-Ристов, ова е трета премиера во новата сезона која ќе го збогати репертоарот со нова квалитетна претстава.

“Претставата ја подготвуваме еден месец со напорна работа и максимална посветеност. “Бракот е брак# опфаќа цел еден процес на правење претстава, опфаќа проблематики на режисерот, актерите, театарот… видени низ ликот на директорот, проблематики на нашата работа, на создавање на театарскиот свет. Обработуваме комични ситуации, за тоа што би се случило кога ние режисерите, актерите… би се гледале од страна. Интересно е што и музиката во претставата е во живо”, вели режисерката Беговска.

Претставата според актерот Роберт Ристов, кој во претставата игра режисер, е составена од два дела .
“Првиот дел, пак, е за процесот на претставата и прикажани се режисерот со свои фалинки, суетите на актерите, фалинки на директорот… и сметам дека театарџиите ќе се препознаат, а ќе биде интересно и за публиката… Вториот дел е за тоа како не треба да изгледа една претстава и за сите грешки и малери кои се случуваат, со што се соочуваат актерите и режисерите и на кој начин се обидуваме да ја извадиме претставата кога тоа ќе се случи…”, вели Ристов.

Во претставата покрај Роберт Ристов, играат и Столе Мицов кој ќе го видиме во улога на актерот /Иван Васиљевич Ломов, актерката /Наталија Степанова ја глуми Ева Скендеровска, во улогата на директор, кој ја гледа својата административна работа и не ги разбира актерите, ќе го видиме Ердоан Максут, “суфлерката” е Миа Кантарџиева, а улогата на музичарот ја има Енес Беговски, кој е и автор на музиката во претставата.

Сценографијата, пак, е на Сергеј Светозарев, а костимографијата на Марта Дојчиновска.

Од Театарот Комедија најавуваат уште една премиера “Мојата жена се вика Борис# во режија на Синиша Евтимов, која ќе се случи кон крајот на декември.

Претставата “Мечка”, пак, која е на репертоарот на 29 ноември ќе биде хуманитарна.