„Брадфордска“ конечно ќе добие асфалт и тротоар

Се реконструира улицата Брадфордска во Козле, Општина Карпош, во должина од 200 метри на потегот од крстосницата со булевар Митрополит Теодосиј Гологанов до крстосницата со улица Козле. Ќе се обнови и тротоарот со површина од 273 метри квадратни.

– Улицата Брадфордска веќе десет години е раскопана и со денивелација на шахтите и е голем проблем за скопјани. Овде во практика може да се види и новиот комунален ред што го воспостави Град Скопје, а тоа е компаниите на отворен повик да се пријават за извршување на прекопи, бидејќи потоа нема да биде дозволено. Очекувам во наредните денови да се интензивираат градежните активности и до крајот на месецот да имаме целосно реконструирана и побезбедена улица за сите учесници во сообраќајот – рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 5,3 милиони денари.

Поради градежните активности, на улицата ќе биде воведен привремен режим на сообраќај. Град Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.