Борба за живот: На ОРЛ спасено двегодишно дете од задушување со зрно пченка

Мирната вечера на семејството Златевски од Скопје се претворила во кошмар. Додека гледале телевизија и јаделе пуканки нивната двегодишна ќерка вдишала едно од зрната. Почнала многу да кашла и да се гуши. Родителите во паника ја однеле на Клиниката за Уво нос и грло. Малата Јана веднаш била внесена во операциона сала. Тимот морал да интервенира дури двапати кај девојчето.

Сторијата која ја пренесува порталот Здравство24 е предупредување за сите родители за тоа колку малку невнимание е потребно за да се случи нешто непосакувано.

-Па незнам како се случи, но мора многу да се внимава. Во една прилика лекарот овде ми рече дека ова е вториот живот на моето дете и тоа многу кажува, вели Антонета Златевска мајка на Јана.

Јана е во болничка соба заедно со шестгодишната Гала која, пак, два месеци живеела со кикиритка заглавена во белите дробови. Родителите посетиле многу здравствени установи но никаде не им кажале која може да е причината за силната и сува кашлица на нивната ќерка. Девојчето сега има компликации кои треба да ги надмине со антибиотска терапија.

-Незнаеме што е работата, сирупи, ова она, ама ништо не помагаше. Знаев за бронхоскопијата и решив да дојдеме на Уво нос и грло. Страшно беше ама сега е се во ред вели Емилија Василевска мајка на Гала.

Јана и Гала се само две од седумте деца кои минатата недела завршиле на клиника со заглавени предмети во душникот и белите дробови. Сите биле на возраст од една до 6 години. Доктор Горан Мицевски имал полни раце работа. Најкомплициран му бил случајот со тригодишното тетовчанче кое вдишало свирче и во многу тешка состојба било донесено на Уво нос и грло.

-Oва е една од најургентните состојби во медицината. Се работи за обезбедување на пат за дишење. Децата најчесто доаѓаат во една многу тешка состојба, пребледени, омалаксани со борба за воздух и каде и секунди се пресудни за спасување на животот, вели прим. др. Горан Мицевски од Клиника за Уво, нос и грло.

Доктор Мицевски има цела колекција со разновидни предмети отстранети од дишните патишта кај деца. Од пластика, бисери, грав, до метални пари. Тие го потсетуваат колку битки добил во операциона сала.