Италијанската болница од светски калибар која пред пет години почна да се гради во општина Петровец се очекува во мај годинава да ги отвори вратите.

Како што информираше градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски, приземјето и првиот спрат од објектот ќе бидат пуштени во употреба во мај.

Тука се сместени приемниот деск, ресторан, кафуле, аптека и супермаркет. 

Инвеститорот веќе почнал да ја носи и опремата за болницата, односно досега е донесен апарат за магнетна резонанца и компјутерски систем, а се очекува до крајот на годината да се заврши со опремување на болницата.

На четвртиот кат пак е предвиден хотел со 30 соби.

Изградбата на овој објект во Петровец на италијанскиот инвеститор Еуроиталија започна во 2011 година кога беше поставен камен темелникот на објект кој првично беше наменет за трговскиот центар. Италијанците тогаш најавија дека ќе инвестираат 10 милиони евра во Петровец.

По кратко време објектот беше пренаменет во луксузна болница која ќе биде опремена со најсовремена апаратура, а вредноста на инвестицијата порасна на 50 милиони евра.