Богоев: Воспитувачкиот кадар во градинките во Карпош ќе остане непроменет

Градинките ќе продолжат нормално да функционираат, а децата нема да имаат промена на досегашните воспитувачи и негователи.

При  посетата на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1 ова го соопшти градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој оствари средби со дел од негователките и воспитувачките на кои им истекле договорите за работа.

Богоев посочи дека општината работно ќе ги ангажира негователките од градинките „Мајски цвет“, „Пролет“, „Распеана младост“ и „Орце Николов“. Проблемот со административната процедура ќе биде надминат и Општината, заедно со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии веќе работат на изнаоѓање  најсоодветно решение.

Градоначалникот Богоев апелираше до родителите, децата, негователките и директорите да бидат спокојни што се однесува до згрижувањето на децата и нивниот воспитен кадар.