Богдановиќ: Системот мора да функционира, инаку ќе се направи хаос !

На социјалните мрежи можат да се прочитаат реакции и барања од граѓаните да се ослободат од плаќање на паркинзите додека трае пандемијата на корона вирусот. Нивните предлози се упатени до скопскиот градоначалник Петре Шилегов и до градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Во нив граѓаните наведуваат дека тие треба да имаат разбирање кон нивните вработени кои седат во куќарките за наплата, бидејќи тие имаат семејства и се во опасност за да се заразат од вирусот бидејќи се во постојан контакт со луѓе. 

– Затоа ослободете ги луѓето да одат дома и оставете паркирањето во Град Скопје и општините да биде бесплатен барем овие 14 дена – потенцираат граѓани на социјалните мрежи.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ за весникот ВЕЧЕР вчера истакна дека не може да се воведе таква мерка, ниту пак, е разговарано со градот за такво нешто.

– Не може да се дозволи бесплатен паркинг, системот мора да функционира. Во спротивно ќе се направи хаос. Во спротивно, не ќе можеме месец, или два, да им дадеме плати на вработените – истакна Богдановиќ. (извор - Вечер )