Боемскиот живот е најубава забава за скопјани

Најомилена забава на скопјани била посетата на скопските кафеани. Бројот на јавните локали, кафеани, подруми и бифеа во Скопје во 1924 год. изнесувал 300.Оваа бројка укажува на големата заинтересираност на граѓаните за посета на кафеаните. Типот на угостителските објекти бил  многу разновиден - кафеани, подруми, пивници, барови, бифеа, крчми, меани и други.

По завршувањето на Првата светска војна, во градот биле отворени многу нови кафеани, а главно се рекламирале   во скопските весници.

Кафеаната “Маргер”  се наоѓала на плоштадот и била најпосетена кафеана во градот. Во попладневните часови  кога   затворале дуќаните, многу скопски семејства доаѓале во кафеаната на вечера. Во ноќните часови кафеаната “Маргер” се менувала во боемска кафеана, а посетители биле уметниците на градот. Кафеаната била место за уметнички и книжевни разговори.

 Кафеаната “Метропол” била отворена во 1935 год. и станала најпосетена кафеана во Скопје. Нудела добра храна, пијалаци, добра услуга и музика. Во оваа кафеана гостувале многу странски уметници, меѓу кои “Трио Орлов” со репертоар на “Мјузикл Хала” и кабаре со раскошна гардероба и акробатски балетски точки. Сите точки биле во придружба на  оркестарот на Паја Тодоровиќ- Сарајлија кој со своите севдалинки создавал пријатна атмосфера, а “Метропол” примамлива кафеана. Кафеаната “Метропол” била за луѓе со многу пари и каде што постоел лимит  на трошење пари за една вечер. Газда на “Метропол” бил познатиот кафеанџија Васа Аврамовиќ.

 Ресторанот “Зрински” имал најмодерна и најголема сала каде што се доаѓале отмени гости, а се нудела домашна и странска кујна со разновидни пијалаци. Бавчата “Зрински” се наоѓала покрај реката Вардар и во неа гостите се чувствувале пријатно на свеж и чист воздух. Внатрешноста на “Зрински” била украсена со огледала од двете страни, со скапоцени завеси на високите прозорци и со добра вентилација на таваните. Масите и столовите биле  во боја на махагони со што се дополнувал  луксузниот изглед на кафеаната. Салата собирала околу 400 гости. Бавчата на ресторанот била многу долга, исполнета со дрвја и со цвеќиња. Бавчата била оградена со ѕид на кој имало зелено обоени летви, а била поплочена со ситни каменчиња. Бавчата се  осветлувала со петромакс ламби кои давале изглед на неонско светло. Во ресторанот свиреле салонски оркестри и биле прожектирани  филмови. Во “Зрински” се приредувале забави, балови, пречеци  на  Нова година, ручеци и богати свадби. Ресторанот бил изграден во 1912 год., а изгорел во 1926 год. Кафеаната “Аполо” се наоѓала во подрумот на киното “Аполо”. Била декорирана со вкус, имала свој стил и била  собиралиште на скопската елита  . Во неа се организирале и концерти на врвни уметници, со познати диригенти меѓу кои  гостувал и познатиот Купферберг.

Кафеаната “Аполо” најдобро работела во 1925 година. Во оваа кафеана гостувале и руски уметнички трупи,  а целата програма била интересна за скопската публика. Во кафеаната гостувале и балетски групи и хорови со играчи меѓу кои и Русинките  Ваље Феодорова, Клео, Њиње, Марија Тан и други.

Забавата во градот траела до раните утрински часови. Ресторанот “Палас” се наоѓал до дрвеното мовче во Еврејското маало на левата страна на реката Вардар  и бил најпосетуван  во 20-тите години. Во овој ресторан се прожектирале и филмови.

Најчести реклами во скопските весници биле за кафеаните   “Цекичев  подрум”,  Подрумот на Богдан Плавшиќ и др.Боемскиот живот во градот се одвивал  во кафеаните “Париз”, “Цекичев  подрум”, “Позоришна кафана”, “Брегалница” и други.

Кафеаната “Брегалница” била сопственост на Вука и Драго Пешиќ,  а ја нарекувале и  “Скопска Скадарлија”. Во неа се собирале литерати и уметници - значајни  луѓе  како Дамјан Николиќ, Вицко Заниновиќ, Петар С. Петровиќ, Светолик Ниќичевиќ, Миливој Живановиќ, Радован Зоговиќ, Љубомир Добричанин, Раде Драинац, а во кафеаната се пишувале статии, песни, прикази кои најчесто биле објавувани во списанието “Јужна Србија”.

Кафеаната “Париз” била ноќно седиште на скопските трговци, најголем број Евреи и тоа скопската еврејска елита. Во кафеаната имало музика за игра и звуци на џез-танго.

Во кафеаната “Москва” се собирала чиновничката класа.