Блуз и соул спектакл во Скопје од 22 до 24 септември

Бендови од Македонија, Шведска, Грција и Унгарија од 22 до 24 септември во Скопје, за љубителите на овој музички жанр, ќе приредат вистински блуз и соул спектакл.

Дваесет и првото издание на Блуз и соул фестивалот, во организација на Дирекцијата за култура и уметност -Скопје, ќе понуди четири концерти кои со почеток во 21 часот ќе се одржат во познатиот скопски клуб "Станица 26".

Фестивалот стартува в петок со македонскиот блуз-бенд „In the Mood" познат по клупски настапи, а специјално за овој настан ќе биде во проширен состав со девет членови. Овој бенд во изминатите осум години има преку 1500 настапи.

Истата вечер гостува и еден од најдобрите европски блуз состави, шведскиот бенд „Трикбег" кој постои 20 години и на албумите има голем број гости.

Во рамките на втората фестивалска вечер, на 23 септември, публиката има можност да го слушне "Трипл фрет бенд". Грчката вечер ќе биде во три дела со пет музичари кои се присутни на сцената речиси 30 години. Познатиот грчки блуз гитарист, пејач и композитор Сакис Доволис е несомнено еден од најдобрите блуз/рок гитаристи на Балканот.

На 24 септември (недела), фестивалот ќе заврши со унгарскиот блуз-мајстор на усна хармоника и пејач на блуз Матјаш Прибојски и неговиот четиричлен бенд (Матѕас Прибојсзки Банд). Еден од неговите 11 снимени албуми има награда "Златен албум". Инаку, Марјас е е официјално заштитно лице на на "Хохнер" хармониките.

Селекторот на програмата Иво Солдатовиќ посочува дека фокусот годинава е европскиот блуз за кој истакна дека е еднакво квалитетен како и блузот во Америка од каде што и потекнува овој музички жанр.

"Најдраго ми е што имаме македонски бенд, кој ќе настапи со проширен состав со аранжмани на Владимир Николов. Идејата ми е застапеноста на македонската музика секоја година да се зголемува. Имаме врвни таленти и тие тоа го заслужуваат, истакна Солдатовиќ, кој во „Ин Тхе Моод" ќе свири на кларинет.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура, во соработка со амбасадите на Шведска и Унгарија.

Влезниците за "Блуз и соул фестивал# се по цена од 300 денари за првата вечер и 200 денари за втората и третата вечер и може да се купат во "Југотон Рекордс# и на благајната на "Станица 26”.