Бизнисмените нема само да градат туку и ќе садат дрвја околу зградите

Законот за урбано зеленило ќе направи револуција во урбанизмот и ќе го зазелени.

Во него постои обврска дека мора и другите сродни закони да се прилагодат, пред се Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење кои во изминатиот период им овозможуваа на инвеститорите да остваруваат огромни профити од градењето на мегаломански објекти на парцелите и тоа на сметка на зеленилото и на здравјето на луѓето.

– Инвеститорите сакаат да им останат истите огромни профити како досега, ама тоа повеќе нема така да биде. Нема држава во Европа каде инвеститорите на станбени згради имаат такви огромни профити од градба, како во Македонија. Целта е само профит на 50-ина градежници во Македонија, а сите други граѓани нека умрат без воздух, без зеленило, без простор околу себе. Тоа не е во ред. Се треба да дојде на свое место. Ова беше време на поклонување пред бизнисот, сега треба да биде поклонување пред граѓаните и животната средна околу нас. Ова се стандарди што ги бараме за нормално, квалитетно живеење. Не случајно има толку болести и умирање на луѓе од белодробни заболувања и воопшто од стрес. Тој притисок на бетонот околу нас, создава стрес и нездраво живеење поради непријатно чувство на стеснетост. Ние живееме во бетонски џунгли што не е нормално – вели Лилјана Поповска, претседателката на зелената партија ДОМ.

Со Законот за урбано зеленило кој е донесен минатата недела од страна на Парламентот предвидува 20% од градежната парцела да биде зеленило и обврската за 25 квадратни метри зеленило по жител на ниво на град во Генералните урбанистички планови.

– Сега ќе мора да се намали и процентот на изграденост на градежна парцела кој сега изнесува 70%, а слободен простор има 30%. Ако од тие 30%, дури 20% се наменат за зеленило, тогаш остануваат само 10% за паркирање или за други содржини, што не е доволно. Затоа, ќе треба да се најде оптимално решение за паркирањето, но не во катни гаражи како што предлагаат градежниците. И досега беше предвидено паркирањето да биде под зградата, а инвеститорот тоа да си го вкалкулира во цената и пак, ќе му остане доволно заработка – вели Поповска.

Во рок од 6 месеци од денот на влегување во сила на Законот за урбано зеленило, треба да се направи усогласување на урбанистичките закони со него. Во Законот за градење треба да се вгради обврската за постапување според “зазеленета# планска документација – од добивањето дозвола за градба, преку надзорот на изведбата, до пуштање во употреба на објектите. Ќе се побара намалување на процентот на изграденост од 70% на градежна парцела.

– Ќе побараме да се зголеми растојанието од објектот до границата на парцелата на една половина од висината на објектот, наместо на една третина, како што е сега. Со ова практично ги потиснуваме градбите да се вратат некој чекор наназад од тротоарите и враќање на хуманите стандарди што порано ги имаше кај нас, но и во европските земји. Никому не сакаме да одземеме можност да живее од некој бизнис, но не тоа да биде со ненормални профити на сметка на здравјето – потенцира Поповска.

Меѓу предлозите кои треба да направат поправка на, како што вели Поповска, “неколку сериозни дефекти во Законот за просторно и урбанистичко планирање, направени во полза на бизнисот, а на штета на граѓаните и животната средина”, е и отстранување на одредбата за “минимум висина” на објектите која инвеститорите максимално ја користеа да се направат бетонски џунгли во градот.

-Ќе бараме да се врати писменото известување на сите засегнати граѓани за јавната анкета при донесувањето ДУП-ови, со продолжување на рокот од 15 на барем 30 денови. Исто така, ќе побараме да се врати потребното апсолутно мнозинство од избраните советници при донесувањето ДУП-ови, наместо изгласување со една третина, без доволен легитимитет за овие важни плански документи – појасни Поповска.