Бигорските монаси објаснуваат: Што е крстовден и за што се слави?

Историја на празникот

Празникот „Крстовден“, еден од најголемите празници на Православната Црква, со векови ги собира архиереите, сиот свештенички и свештено-монашки клир на средината од храмот, каде се издигнува најважното знамение за христијанскиот род – Крстот. Овој настан, Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, е празник на победата на христијанството над сите царства, култури и цивилизации, празник на христијанското општество кое опстојува низ вековите благодарение на непобедливата сила на Крстот, празник чија благодатна утеха ги поткрепува сите христијани, кои и денес поднесуваат прогони и страданија.

Овој празник е директно поврзан со два историски настани. Првиот се случил во IV век и зборува за чудесното пронаоѓање на Чесниот Крст на Господ Исус Христос од страна на светата царица Елена, мајката на светиот и благоверен цар Константин Велики. Вториот настан, пак, зборува за  победата на византискиот цар Ираклиј над персискиот цар Хозрој во VII век. Во таа прилика Крстот бил вратен во Цариград, зашто претходно тој бил земен како плен од Ерусалим, тогаш кога градот бил освоен од Персијците.

Постојат факти што зборуваат дека христијаните почнале да го слават овој празник уште во IV век. Тоа ни го потврдуваат катихезите на св. Кирил Ерусалимски изречени во Црквата на Страдањето и  Воскресението Христово, во кои постојат сведоштва дека Чесниот Крст се наоѓал и бил силно почитуван во Ерусалим и дека народот доаѓал и му се поклонувал. Важен факт е и врската во која се согледува хеортолошкиот принцип, во два последователни дена да се слават два настани, или евентуално две личности кои се во меѓусебна поврзаност со конкретните случувања. Во овој случај тоа е врската помеѓу два последователни настани. Првиот настан е осветувањето на црквата на Страдањето и Воскресението Христово, која била изградена врз гробот Господов, на Голгота, од страна царот Константин Велики и осветена на 13 септември 335 год, а вториот е пронаоѓањето на Чесниот Крст Господов од страна на царицата Елена.

Александриската хроника од VI век ни го изложува точниот ден и година на пронаоѓањето на Крстот Христов, а тоа е 14/27 септември 320 год., или, пак, во 317 година според хронографот Теофан Исповедник од IX век. Од мигот кога Чесното Дрво е пронајдено, во Ерусалим започнало да се слави ова неповторливо собитие, кое собирало мноштво поклоници од сите страни на светот, а во 522 година, на овој ден, пристигнала и св. Марија Египетска која токму во оваа прилика се покајала и го оставила развратниот живот. Во нејзиното житие се зборува за „Воздвижение“, како за празник кој одамна постои. Историчарот Созомен вели дека овој празник најпрвин имал локален карактер, односно се славел само во Ерусалим, но набрзо се проширил и во Цариград (V век), како што ни сведочи житието на св. Јован Златоуст, и во Сирија (VI век) според сведоштвото на Евагриј.

Службата за празникот можеме да ја следиме од Ерусалимскиот типик, од VII век, кој ни го изложува чинот на издигнување на Крстот и чинот на самата  Литургија, без вечерната и утрената богослужба. Еден Грузиски споменик од VII – VIII век, т. е. ракопис од Публичната библиотека од збирката на еп. Порфириј од IX век, ни ја дава целата празнична богослужба.

Веднаш после пронаоѓањето на Чесниот Крст многу цркви и манастири посакале да имаат делче од него, па така негови делови биле распространети ширум православниот свет. Во нашата земја и Бигорскиот и Раичкиот манастир чуваат честица од оваа најскапоцена христијанска светиња, пред која доаѓа да се поклони големо мноштво народ, просејќи благослов и поткрепа за своите семејства, ближни, како и за својата татковина.

ЛИТУРГИСКАТА ПОРАКА НА ПРАЗНИКОТ „ВОЗДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ И ЖИВОТВОРЕН КРСТ“

Целиот богослужбен поредок на празникот Крстовден, изнесувањето на Чесниот Крст од олтарот, издигнувањето, поклонувањето и целивањето има за цел да нѐ воведе во собитијата поврзани со Христовото заминување на крстна смрт и Воскресението, потоа пронаоѓањето на крстот и неговото изнесување од земјата, издигнувањето и поклонението пред него. Химнографите, меѓу кои и св. Козма Мајумски, нѐ повикуваат духовно да се пренесеме и да станеме учесници во сите овие настани, мисловно да се искачиме на Голгота и со невидена ревност и вера да го побараме Крстот Христов, да се поклониме пред него и на сиот свет да му пренесеме порака дека Крстот на Распнатиот и Воскреснатиот е оружје на мирот, наша пофалба, наша утеха, сигурност и заштита, наше ослободување.

Ете, на утрената богослужба пееме катавасија во која си спомнуваме за настанот каде Бог преку Мојсеј, кој со своите раце го изобразил крстниот знак, го отворил Црвеното море и го ослободил Својот народ од ропството на фараонот. Христос, пак, го отвори Рајот со тоа што ги рашири рацете Свои на Крстот, ги собра околу Себе, ги прегрна и со Своето Воскресение ги ослободи луѓето од ропството на ѓаволот, од оковите на гревот и смртта. Царот Константин го зел крстното знамение во своите раце и со него извојувал победа над непријателот, и на Римската Империја, на верниот народ христијански му донел слобода од тиранинот. Царицата Елена го пронашла Чесното Крсно Дрво, на кое многумина се поклониле и добиле ослободување од разните духовни и телесни страданија. Силата на Крстот ја ослободила Византиската Империја од Персиското ропство и му донела победа на царот Ираклиј; тој, пак, откако го вратил Крстот Господов од пленство, со него торжествено влегол во Цариград, а подоцна смирено искачувајќи се на Ерусалимската Голгота, го вратил во храмот на Воскресението.

Непоколебливата надеж во ослободувањето преку верата во Крстот и Воскресението, била причина и нашите предци да издржат во тешките страданија низ вековите. Тие откако смирено го зеле, го подигнале својот крст и со тоа дале придонес во Божјото дело за утврдување и закрепнување на нашата земја врз каменот на подвизите и молитвите издигнати кон Бога, на крвта и жртвите принесени на олтарот за нејзината слобода. Нашата татковина е украсена со светињи, како небото со ѕвезди, закитена со праведници, маченици, новомаченици, учители, преродбеници, кои силно озарени од светлината на Христовото Воскресение, се покажаа како вистински проповедници и поттикнувачи на слободољубивиот и национален дух на нашиот народ.

Нема воскресение без распетие, велат боговдахновените отци, а ние денес го живееме воскресението, на кое му претходело распетието на нашите татковци и дедовци. На крстот денес му се потсмеваат, се одрекуваат од него, но луѓето забораваат какви придобивки тој им донесе и во каква слобода живеат заради верата во него. Должни сме и ние да дадеме свој личен придонес на олтарот за духовната слобода на нашиот народ, за слободата од разорителниот дух во кој сега живееме. Затоа да ги приклониме главите во подножјето на Крстот Христов и да принесеме плодови на покајание; од ден на ден да растеме духовно во христијански преобразени и подобри личности, корисни за општеството. Денес не постои човек што не страда, што нема грижи, што не претрпува болка и тага. Но според зборовите на еден Светогорски Старец, Бог ни ја упатува својата благодатна утеха и како да ни вели: „Тука сум Јас, додека си мислиш дека си се сретнал со болката, всушност се среќаваш со Мене“.

Затоа да го пронајдеме, подигнеме, целиваме и прегрнеме крстот во нашиот живот, па тој да стане извор на нашата секојдневна утеха, радост и сила. Преку него да стекнеме близина со Бога… Тогаш ќе се случи нашето сопствено духовно воскресение.