Бидете внимателни кога купувате: На пазарот се појавија фалсификати на средства произведени од „Алкалоид“

На пазарот се појавија производи што претставуваат фалсификати на средствата за дезинфекција произведени од „Алкалоид“ – Ecosal® и Dezintal®, кои се воедно и заштитени трговски марки на „Алкалоид“ АД Скопје.

-Aпелираме до купувачите да внимаваат при купувањето бидејќи фалсификуваните производи не ги исполнуваат стандардите за квалитет, при што би можело да дојде до несакани дејства врз безбедноста и врз здравјето на купувачите. Исто така, се доведува во прашање и ефикасноста на овие производи, кои во моменталната ситуација се од исклучителна важност, порачуваат од Алкалоид.

За да им помогнеме на купувачите да ги препознаат оригиналните производи Ecosal® Forte и Dezintal® произведени од „Алкалоид“, за чии квалитет и безбедност гарантираме, велат од компанијата, ги посочуваме следните детали што може да се забележат на самото пакување на производите:

  • на етикетите секогаш стои логото на „Алкалоид“, како и логата на Ecosal® и на Dezintal®, кои гарантираат за оригиналното потекло на производите и за преземените мерки во делот на нивната регистрација, во согласност со важечките регулативи;
  • како производител секогаш е назначен „Алкалоид“ АД Скопје, што подразбира дека производите се произведуваат и се полнат во контролирани услови на производство;
  • производот Ecosal® Forte се произведува во пакување од 500 ml, со затворање приспособено на типот на производот – антисептик, наспроти фалсификуваното пакување од 1000 ml, какво што досега не е пласирано на пазарот од „Алкалоид“;
  • производите доаѓаат со соодветно упатство за употреба, за кое можеме да гарантираме само доколку се произведени и доколку се спакувани во фабричките погони на „Алкалоид“ АД Скопје.