Бидете добри луѓе и ќе бидете среќни

Добрите работи почнуваат да се случуваат кога ќе се оддалечиме од негативните луѓе.

Сите ја знаеме оваа фраза, уште една од низата фрази кои постојано ги слушаме. И сите сме паметни кога треба да посоветуваме друг, но некако за себе и за својот живот и не сме толку успешни. Ајде да го промениме аголот на гледање на својот живот и случувањата во него.

Ние сме главните актери во нашиот живот.

Ние бираме што ќе бидеме и кого ќе имаме околу себе. Животот нѐ обликува, ни носи некои луѓе во животот, добри и помалку добри и ни ги праќа како учители. Животот ни дава искуства од кои треба да учиме, ни отвора или затвора патишта, но на крајот сѐ е наш избор и наша одлука. Сѐ што ни се случува во животот се случува со причина. Ние бираме како ќе ги искористиме искуствата и дали тие ќе нѐ научат нешто.

Ние одлучуваме како ќе го користиме она што ќе ни се најде на патот, она што животот ни го сервирал како совесен келнер. Сѐ тоа се лекции. Можеме да ги искористиме за да станеме помудри, попаметни, подобри луѓе. Можеме да научиме да уживаме во малите животни радости, во секој нов ден и на секоја нова насмевка.

Можеме да научиме да исфрламе сѐ што е лошо за нас. А ова особено важи за лошите луѓе. Ние никогаш не губиме. Секоја загуба можеме да ја доживуваме како благослов. Ја знаете онаа ситуација кога мислите дека некој ви е пријател, а тој ќе ве предаде? А вие тажите и разочарани сте...

Еј, немојте да тажите, ако ви биле пријатели, не би ве издале, многу едноставно. Тоа е добро за вас, можеби таа личност баш на време ви го покажала своето лице, за да не ви нанесе повеќе неправди, болка и зло. Навремено сте дознале дека тие не ви биле пријатели. Сѐ што се случува е за наше добро и се случува за ние нешто да научиме, откриеме, сфатиме. Од нас зависи како ќе го искористиме тоа.

Дали ќе се опаметиме? Не сфаќајте ништо здраво за готово, користете ги вашите искуства, особено оние кои ви се повторуваат. Користете ги своите искуства, но без злоба, одмазда, затоа што ако тоа го правите, тоа значи дека не сте научиле ништо. Единствените луѓе на кои треба да им вратите „со иста мера“ се луѓето кои ви помогнале!

Животот ни го дава она што ни е потребно за да напредуваме и да научиме нешто, а ние избираме какви луѓе ќе станеме и како ќе го искористиме тоа. Отфрлете ги лошите и негативни работи и бегајте од лоши и негативни луѓе. Опкружете се со добрина, насмевки, весели бои и весели луѓе. Одберете добро.

Бидете добри луѓе, чесни, искрени, насмеани, живејте без лаги, манипулации, игрички, одмазди и злоба...

Кога ќе го отфрлиме негативното, а особено негативните луѓе, ќе почнат да ни се случуваат добри работи. Сосема логично. А наше е правото и обврските да носиме одлуки кои се добри за нас. Тоа е наше право кое никој не може да ни го одземе.

Исфрлете ги негативните луѓе од својот живот, знаете, тие всушност направиле една добра работа за вас – ви покажале какви не треба да бидете. Секој од нас е учител и од секого можеме да научиме по нешто. Нам ни останува да бидеме само добри ученици.

Ние носиме одлуки, не е важно што другите мислат. Понекогаш мораме да се слушаме себеси и да се помириме со фактот дека другите не нѐ разбираат. Ние најдобро знаеме што е добро за нас.

Бидете добри луѓе и ќе бидете среќни!