Бев жирант – четири години плаќав друг кредит, трпеа моите деца

Ретко кое семејство во денешницава нема земено некој кредит. Без некаков кредит, тешко кој може да си ги задоволи потребите. Некој за доградување, или купување стан, за реновирање, за купување автомобил, за одење на одмор или пак за секојдневни потреби.

Зависно од тоа, за каков кредит станува збор, банките бараат и жиранти. Денеска да бидеш жирант ти е меч со две острици.

Коста од Скопје, ја раскажува својата приказна, за тоа дека бил жирант, на својот прв братучед и дека четири години после тоа, исплаќал кредит, кој воопшто и не го зел.

-Бевме блиски. Додека бевме деца и живееме во иста куќа. Први братучеди. После тоа јас кога се оженив си купив стан и се отселив, но близината никогаш не престана. Една вечер, ми се јави на телефон, да ме праша дали сакам да му бидам жирант за да земе кредит. Мислев дека можам да му верувам, и дека има добри примања, па без размислување прифатив, без да се исконсултирам со никој, ниту со сопругата. Тој го зема кредитот и во рок од еден месец го снема. Замина во странство. Отиде во Нов Зеланд. Знам, ми имаше спомнувано дека сакаат да одат, но не знаев дека тоа ќе биде сега. Верувајте, цели четири години, јас делев од устата на моите деца, за плаќање на неговиот кредит. Живееме со моја половина плата. Стигнавме на работ на егзистенцијата. Моите деца едвај имаа со што да се прехранат. Едвај имавме што да им дадеме за јадење, а деца се тоа, одат на училиште, имаат и свои потреби. За нешто повеќе и да не зборуваме. Од братучедот ниту трага, ниту глас, раскажува Коста.

Тој упатува апел до сите луѓе, да внимаваат на кој и како стануваат жиранти. Да не ставаат здрава нога во трн. Тој верува дека иста како неговата судбина ја имаат и уште многу други семејства во Македонија, кои исплаќаат долг, кој воопшто и го немаат земено.