„Бев на чекор од смртта” - алкохол и волан, лоша комбинација која најчесто завршува фатално!

Што вие лично, преземате за да се намалат сообраќајните незгоди? Дали некогаш сте возеле под дејство на алкохол? Дали редовно ја почитувате законската одредба за нула толеранција алкохол во крвта за професионални возачи и за возачи почетници или одредбата т.е. ограничувањето за 0.50 г/кг алкохол во крвта за сите останати возачи?

Многу пати се досега се покажало дека алкохолот и воланот на автомобилот се многу лоша комбинација. Надлежните постојано предупредуваат дека не треба да се консумира алкохол додека се вози бидејќи се намалуваат моторичките способности за управување со моторно возило, но се поставува прашањето дали сите се придржуваат кон ова.

Скопјанецот Далибор, се сеќава на еден момент, кој како што вели “бев на чекор на смртта.” Тој работел како сметководител во една скопска фирма. Платата им доцнела два месеци. Кога земале плата со колегите решиле една вечер да излезат во кафеана. Сакале да се опуштат и да уживаат.

-Тоа беше лоша вечер за мене. Пиев, не знам ни самиот колку. Не дека имав некоја причина за славење, но ете. Сме излегле со другарите. Тоа беше два месеци пред мојата свадба. Седнавме во 20 часот, станавме во 1 од таму. На половина вечер не се ни сеќавам. Се сеќавам кога излегов надвор и кога седнав во автомобилот. Го стартував... А после тоа се разбудив во болница, приклучен на апарати... Да не зборувам, знаете што се случило. Скршеници, модринки... Немаше здрава коска на мене... Ме болеше мене, ги болеше и сите околу мене, кои ме гледаа така. Мојата тогашна вереница, а сегашна жена, баш тој ден дознала дека е бремена. Била плус да пробува венчаница за свадба... Ужасно нешто. Свадбата секако ја одложиве. Јас во кревет бев пет месеци, неподвижен, скршена карлица... Од тогаш до денеска поминаа четири години, а јас се уште имам последици од таа ноќ. И мислам дека цел живот ќе ги имам. Самите рани по телото ме потсетуваат на нешто лошо. Кога би можеле само за миг да се вратиме назад, раскажува Далибор.

Слична како приказната на Далибор имаат многу луѓе, за некои таа има среќен и добар крај, ама за некои трагичен. Едно мало невнимание може да значи многу, може да значи живот!